Карате клуб „Ронин Доџо“ од Куманово со злато и четири бронзи на Светското шотокан првенство

Сподели со своите пријатели

Карате клубот „Ронин Доџо“ од Куманово постигна значаен успех на 15. Светско шотокан првенство што се одржа од 31 октомври до 2 ноември во Софија, Бугарија.

Клубот учествуваше со седум натпреварувачи кои беа дел од македонската шотокан репрезентација.

 

 

Каратистите се вратија со пет медали – едно злато и четири бронзи.

Златниот медал го освои сениорскиот женски ката тим во состав Николина Милорадовска Смилевска, Јована Стојковска и Ања Ангеловска.

Во јуниорска конкуренција бронзен медал освоија Бојана Денковска и Кирил Младеновски, додека во категоријата 12–13 години, помладите кадети Дамјан Стојановски и Милица Кипријановска се закитија со бронзени медали.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: На Куманово и на Македонија им се потребни слога, соживот и разбирање (ВИДЕО)

 

 

Сите натпреварувачи од клубот настапија во дисциплината кати, а тренерот Оливер Милорадовски учествуваше и како судија на првенството.

 

 

Тренерот Милорадовски изрази задоволство од постигнатиот успех, но потенцира дека секогаш има простор за подобрување.

„Задоволен сум од резултатите, но иако одработивме без грешка, се уште има простор за многу тренинг и напредок. Нормално, повисоките резултати не се недостижни“, изјави Милорадовски.

 

 

На натпреварот учество земаа натпреварувачи од повеќе од петнаесет држави меѓу кои Македонија, Турција, Бугарија, Романија, Молдавија, Азербејџан, Чешка, Италија, Хрватска, САД, Нигерија, Киргистан, Казахстан, Унгарија и други, со над илјада учесници.

Никола Ивановски