Кампањата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп собра повеќе од 2 милиони долари преку страницата GoFundMe за жртвите од пукањето на неговиот митинг во Батлер, Пенсилванија во саботата.
До 15 часот по локално време, кампањата на Трамп ја удвои целта од 1 милион долари, достигнувајќи 2,034 милиони долари во донации, пишува The Hill.
Вкупниот број на донации достигна 27.900, а најголемата донација изнесува 50.000 долари, покажуваат податоците на страницата на кампањата.
На страницата, започната од Мередит О’Рурк, националниот финансиски директор на кампањата на Трамп, се вели дека претседателот Трамп синоќа ги овластил да отворат сметка за донации за поддржувачите и семејствата на повредените или убиените во бруталниот и ужасен обид за атентат.
Убиениот учесник со своето тело го заштитил семејството
Поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами, кој донираше 30.000 долари, како и Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, донираа 10.000 долари за кампањата.
Убиениот учесник на митингот во Пенсилванија, Кори Комператоре, имал 50 години, бил началник на противпожарната служба од Бафало и, според медиумите, со своето тело ги штител сопругата и ќерките.
Во престрелката се повредени уште две лица, кои се во болница во стабилна состојба, јавува NBC News.