Како се калеше челикот за возачка дозвола

Сподели со своите пријатели

Пред неколку дена успејав да го положам практичниот дел од испитот за возачка дозвола. После тоа следи бирократскиот дел кој мора да го поминеш за да го добиеш документот. Уште од самата помисла на висење од шалтер на шалтер, чувствував гадење. Нешто ми се превртуваше во цревата. Сите сме поминале низ тие процедури безброј пати во животот, знаејќи што не очекува.

Loading...

Влегуваш во зградата на СВР Куманово, и излегуваш деградиран, понижен, игнориран и невидлив… којзнае дали после тоа воопшто и се чувствуваш како човек…

Уште од првиот чекор во старата зграда се чувствува одвратна енергија која ти создава одбивност и се мислиш дали воопшто да ја завршиш работата по која си тргнал, но знаеш дека мораш. Нема враќање назад.

Внатре има редици од луѓе кои висат на неколкуте шалтери, чекајќи вработената/ вработениот да го заврши телефонскиот разговор (кој патем трае вечно) или да си го испие кафето, зашто е на пауза (која патем завршила пред час-два).

Сите превртуваат со очите, гледаат на часовникот, а знаат дека се оставени на милост и немилост во рацете на вработените. Јас како Алиса во Земјата на чудата, не знам каде да се обратам. Со сите потребни документи, одам од врата на врата, барајќи знак кадешто пишува „Поднесување на барања за возачка дозвола“, но залудно.

Ги прашувам вработените каде треба да ги доставам документите, а тие со кренати раменици ме избегнуваат. Конечно ја најдов канцеларијата во која треба да се обратам, тропам на вратата и велам „Добар ден, овде ли треба да ги оставам документите за возачка дозвола?“.

Лицето коешто беше внатре ме погледна немо, ми ги извлече документите од раце и ми вели „Не ти се валидни документите.“, а јас зачудено велам „Ама јас денеска ги потполнив, не е мо…“.

Ме погледна заканувачки и само извика „На шалтер број 1“.

Loading...

Излегов чувствувајќи се непријатно. Имав чувство дека влегувам кај некој странец дома, барајќи му услуга. Ги потполнив новите документи, при тоа внимавајќи да не направам некаква грешка.

Се упатив кон канцеларијата во која треба да ги доставам и повторно тропнав на вратата „Добар ден. Еве, ги потполнив новите документи, што треба сега да направам?“.

Внатре имаше уште некој (претпоставувам колега) и двајцата ме погледнаа со намуртени лица, а надлежниот крикна „Излези надвор“.

Ги оставив документите и излегов надвор. По петнаесетина минути излезе и човекот кој седеше внатре кога влегов по вториот пат. По десетина минути влегов, прашувајќи се што стана со документите и што треба да правам понатаму. „Добар ден, дали е се во ред и што треба сега да правам?“, вработениот го крена погледот и пак се сврте кон прозорецот, не гледајќи ме, отсечно рече „Кабина број 1“.

Си ги земав документите и ги прегледав. Немаше ништо сменето, само стоеше печат. Моето патешествие продолжи.

Барајќи ја „кабина број 1“ ги здогледав истите лица како висат на шалтерите, редоследот непроменет, а вработените зад шалтерот си зборат на телефон, си пијат кафе, си јадат…

Влегувам во „кабина број 1“.

Од чадот од цигари, не може да се види другиот крај на просторијата, а миризбата е неподнослива. Не ме сфаќајте погрешно, и јас сум пушач, но на моето работно место стои огромен лист на кој пишува „Забрането пушење во сите простории“, и јас морам да се придржувам до тоа правило, доколку не сакам мојата плата да се намали за 10%.

Loading...

Патем и во оваа просторија стои истиот натпис, на дупло поголем лист хартија.

„Добар ден, еве ги документите за возачка дозвола, претпоставувам дека сега треба да се сликам?“.

Вработениот, не гледајќи во мене, ја пружи едната рака, додека со другата го вовлекуваше последниот чад од цигарата и документите ги фрли на маса. Часот беше 14:40. Стојам чекајќи некаков одговор, но залудно.

Часот беше 14:50. Уште стојам и се чувстувам како будала.

Само тишина и смрдеа го исполнуваат воздухот.

Во тој момент, влегува друго лице (претпоставувам вработен) и започнуваат муабет со вработениот. Не разбирам ни збор, зборуваат албански. Си палат цигара. Часот беше 15:00. Во тој момент вработениот кој требаше да ме слика за возачката ми се обраќа „qëndroj“.

Не разбирам што значи, претпоставувам дека значеше „седни“. И повторно истиот збор. Знаев што сакаше да ми каже, ама нешто од внатре не ми дозволуваше да седнам на столчето.

Во официјален јазик со Македонци, се користи македонски јазик. Се прави тој будала, се правам и јас. „Извенете, не ве разбирам“.

Loading...

Лицето што влезе после мене ми вели „Седни, седни“.

Седнав, погледнав на часовникот, 15:05. Во надеж дека ќе завршам со процедурата и ќе се вратам на работа. Двете лица се приближија до мониторот на компјутерот и читаат некаква вест и се смеат.

15:10.

Надлежниот ми вели „Намести се“. Се наместив и се спремив за фотографирање… ништо не се случува 15:15.

Блицот од фотоапаратот ми го привлече вниманието и се свртев. Станав, ја погледнав фотографијата – изгледам претепан. Како инаку би изгледал кога половина час стојам во просторија, надевајќи се дека ќе завршам работа за која се потребни не повеќе од 5 минути. Се потпишав, ги оставив своите отпечатоци од прстите, ја земав потврдата и заминав низ врата небаре сум затвореник кој штотуку ја одлежал својата затворска казна.

Во нормална држава, за ваква работа ќе ми беа потребни не повеќе од половина час. Во нашата Република Македонија, истата ја завршив за час и половина. Не барам некаков посебен третман. Не барам ништо повеќе од малку почит кон туѓото време. Сакам да бидам третиран како човек.

Loading...

Ми недостига учтивиот однос „Добар ден, како би можел да ви помогнам“, без посебно пренамагање.

Пишува: Христијан Баневски


Leave a Reply