Со ждребување вчера во просториите на Државната изборна комисија претставниците на политичките партии и коалиции ги извлекоа редните броеви под кои ќе се најдат на листата на претстојните избори закажани за 11 декември.
Први на листата ќе бидат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а СДСМ со својата коалиција ќе бидат под бројот 4. Измеѓу се наоѓаат ДПА со реден број 2 и ДУИ со 3.
Под број пет на избирачкото ливче ќе биде коалицијата „За промени и правда-ФРОДЕМ“. ПДП следи на шестата позиција. Седма ќе биде коалицијата „Алијанса за Албанците“. Либералната партија ќе настапи како осма на листата. Коалицијата ВМРО-За Македонија на Георгиевски, Бошкоски и Ангелов е деветта, десетта на ливче ќе биде Движењето БЕСА. Последна е партијата „Левица“.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ традиционално ја започнува кампањата со митинг од Охрид, СДСМ тргнува од Прилеп, ДУИ за официјалниот почеток на кампањата го избра кумановско Липково а ден пред тоа, в недела во Спортскиот центар Борис Трајковски ќе ги претстави носителите на листите. Од коалицијата „За промени и правда“ првиот митинг ќе го одржат во Скопје. ДПА се уште не објавува од каде ќе стартува.