Нова градежна механизација од денеска имаат три јавни претпријатија во Куманово, набавени со кредитот во износ од околу еден милион евра, за окј општината аплицираше минатата година.
Увид во пристигнатата опрема денеска изврши градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и претседателот на Советот Ивана Ѓорѓиевска.
Димитриевски истакна дека ова е првиот дел од набавката и истата треба да ја подобри опремата на јавните претпријатиа „Водовод“, „Чистота и зеленило“ и „Куманово гас“.
– Овие машини кои денеска ги добивме за да бидат користени во делот на зимско одржување на патиштата ќе треба дополнително да се доопремат со дополнителна опрема. Се работи за комбинирани машини кои претежно ќе извршуваат градежни активности, чистење на делот на речните корита во градот, чистење на дивите депонии, кои ги имаме над 80 во Куманово, изјави Димитриевски.
Сепак, во рамките на проектот треба да следуваат уште две испораки на механизација за јавните претпријатија, меѓу кои и ново пајак возило.
– Дополнително во следните испораки нѐ очекуваат испораки на три товарни возила со комплетно опремување на имско одржување на патиштата на територијата на општината, дополнително едно возило за собирање на смет, камион со специјална опрема за подигање на џамбо контејнери и дополнително возило камионет комбиниран кој ќе се користи за оваа јавно претпријатие, и пајак возило за јавното претпријатие „Куманово паркинг“, изјави Димитриевски.
Набавката на опремата за зимско одржување на улиците, како што појасни градоначалникот, нема целосно да ја намали зависноста на локалната самоуправа да ангажира приватни компании, но значителен дел од средствата ќе бидат заштедени и истите тие пари ќе завршат во овие јавни претпријатија.
– Во втората и третата испорака треба да добиеме опрема за зимсо одржување која ќе ги намали трошоците на општината кои во моментот ги издвојуваме и даваме на приватни компании, што значи дека тие средства ќе завршат во буџетите на јавните претпријатија. Нема да можеме само со оваа опрема комплетно да го покриеме зимското одржување, но добар дел од зимското одржување веќе со добивање на овие машини ќе помине во надлежност на дел од јавните претпријатија во градот, истакна градоначалникот.
Дел од јавните претпријатија за прв пат добиваат нова опрема од своето основање, а пример е ЈП „Водовод“ кое нова механизација добива по цели две децении.
Наталожените финансиски проблеми на јавните претпријатија, но и моменталната криза не им оставаат простор во буџетите сами да набават опрема, па општината како основач, вели Димитриевски, на овој начин им излегува пресрет.
Инаку, средства за набавката на сета оваа механизација се од кредит преку Светска банка, во износ од 63,7 милиони денари кој го подигна општината. Истиот ќе треба да се враќа до 2033 година, од три години е грејс период. Каматата е минимална и изнесува само еден процент.
Димитриевски потенцираше дека, откако кредитот ќе биде вратен, 20 отсто од целиот износ ќе бидат отстапени на општината како грант средства.
Никола Ивановски / Стефан Младеновски