Јавна дебата на тема „Женско лидерство како огледало на заедницата“ утре во Куманово

Сподели со своите пријатели

Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово утре со почеток од 14 часот ќе организира јавна дебата на тема „Женско лидерство како огледало на заедницата“, која ќе се одржи во Занаетчиски дом во Куманово.

На настанот е најавено учество на претставнички од локалната самоуправа, жени активистки од рурални средини, граѓански организации, јавни институции и медиуми.

Целта на дебатата е да се отвори поширок дијалог за учеството на жените, особено оние од руралните заедници, во процесите на локално одлучување и креирање политики.

Во рамки на настанот ќе бидат презентирани наоди и искуства од терен кои ги прикажуваат секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените во локалните заедници.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец заврши во полициска станица по напад врз неговата мајка

Во фокусот на дискусијата ќе бидат постојните механизми за граѓанско учество и нивната функционалност, можностите за поголемо и систематско вклучување на жените од терен, како и препораки за родово одговорно локално планирање.

Организаторите информираат дека претставници на локалната самоуправа и жени од локалните заедници ќе споделат искуства, предизвици и конкретни предлози за подобрување на соработката меѓу институциите и жените, со посебен акцент на жените од руралните средини.

„Оваа дебата претставува важен чекор кон зајакнување на локалното женско граѓанско учество и создавање одржливи механизми за директно вклучување на жените во процесите на донесување одлуки“, наведуваат од здружението.

Од „Мајка“ ги повикуваат медиумите, граѓанските организации и сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и активно да се вклучат во дискусијата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Д-р Аргиров: Не вадете крлежи сами, побарајте лекарска помош (ВИДЕО)

Јавната дебата е дел од проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, финансиран од Европската Унија, ко-финансиран од Шведска, а имплементиран од The Kvinna till Kvinna Foundation во партнерство со Акција Здруженска и Хуманитарното здружение „Мајка“ Куманово.