Трамп го отфрли одговорот на Иран на мировниот предлог

Сподели со своите пријатели

Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли одговорот на Иран на американскиот предлог за прекин на војната и го нарече „тотално неприфатлив“.

Техеран испрати одговор на најновиот американски предлог до медијаторите од Пакистан со цел да се стави крај на, како што наведоа, воената агресија против Иран, објавува Би-Би-Си.

Трамп објави на социјалната мрежа True Social дека штотуку го прочитал одговорот од „т.н. ирански претставници“ и нагласи дека не му се допаѓа и дека е „тотално неприфатлив“.

Американскиот портал Axios објави дека меморандум од 14 точки на САД напишан на една страница претходно испратен до Иранците вклучува одредби како што се суспендирање на збогатувањето ураниум на Иран, укинување на санкциите и враќање на слободниот премин низ Ормутскиот теснец.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Големи шумски пожари беснеат во Флорида. Илјадници хектари изгорени (ВИДЕО)

Според порталот, повикувајќи се на американски претставници и уште два други извори, многу од условите наведени во меморандумот ќе зависат од постигнувањето конечен договор.

Иранската полуофицијална новинска агенција Тасним објави дека одговорот на Техеран на тој предлог вклучувал моментален прекин на војната на сите фронтови, како и крај на американската поморска блокада на иранските пристаништа и гаранции дека нема да има понатамошни напади врз Иран.

Според иранските државни медиуми, предлогот на Техеран вклучува барање за надомест на воените штети и нагласување на суверенитетот на Иран над Ормутскиот теснец.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан вчера не се осврна директно на предлогот, но рече дека „тој никогаш нема да ја поклони главата пред непријателот и ако се започне разговор за дијалог или преговори, тоа не значи предавање или повлекување“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кина и САД продолжуваат со трговските преговори

Пакистан посредуваше во прекин на огнот меѓу Техеран и Вашингтон, кој е во сила од 8 април, со што во најголем дел се запреа речиси 40-дневните напади на САД и Израел врз Иран, а повеќето од одмаздничките напади на Иран врз земјите во регионот каде што има американски бази и други интереси се запрени.

Примирјето наменето за олеснување на разговорите за завршување на војната што ја започнаа САД и Израел во февруари во голема мера се одржува и покрај повремените размени на оган.

Порано оваа недела, Трамп изјави дека војната во Иран ќе заврши брзо.

Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека залихите на збогатен ураниум на Иран мора да се „отстранат“ пред војната против Иран да може да се смета за завршена.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Големи шумски пожари беснеат во Флорида. Илјадници хектари изгорени (ВИДЕО)

„Постојат повеќе места за збогатување (ураниум) кои мора да се демонтираат“, рече Нетанјаху во интервју за Си-Би-Ес.

Иран продолжува да го блокира стратешкиот теснец, што доведе до скок на цените на нафтата низ целиот свет. Околу 20 проценти од светската нафта и природен гас минуваат низ теснецот.

Од друга страна, САД спроведуваат блокада на иранските пристаништа за да извршат притисок врз Техеран да ги прифати неговите услови.