Јапонија соопшти дека нејзините воени авиони вчера испукале ракети за да го предупредат рускиот шпионски авион да го напушти воздушниот простор над северна Јапонија.
Јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара изјави за новинарите дека рускиот авион Ил-38 навлегол во јапонскиот воздушен простор над островот Ребун, недалеку од брегот на најсеверниот главен остров Хокаидо.
Тој додаде дека за време на петчасовниот лет во таа област, рускиот авион во три наврати го нарушил јапонскиот воздушен простор.
Сето тоа се случи само еден ден откако заедничката флота од кинески и руски воени бродови заплови крај северниот брег на Јапонија.
Кихара рече дека нарушувањето на воздушниот простор може да биде поврзано со заедничка воена вежба најавена од Русија и Кина претходно овој месец.
Јапонија е загрижена за растечката воена соработка меѓу Кина и Русија
Тој истакна дека Јапонија ставила на терен повеќе борбени авиони Ф-15 и Ф-35, кои употребиле ракети за прв пат откако руските авиони ги игнорирале нивните предупредувања.
„Нарушувањето на воздушниот простор беше многу за жалење“, нагласи тој, потврдувајќи дека Јапонија „жестоко протестираше“ кон Русија преку дипломатски канали и побара преземање превентивни мерки.
„Ќе ги спроведеме нашите операции за предупредување и надзор додека внимателно ги следиме нивните воени активности“, објави Кихара.
Тој тврди дека употребата на сигнални ракети е легитимен одговор на повреда на воздушниот простор и дека Јапонија „планира да ги користи без двоумење“, пишува Асошиејтед прес.
Јапонските одбранбени претставници се многу загрижени поради растечката воена соработка меѓу Кина и Русија и зголемената активност на Кина околу јапонските води и воздушниот простор.
Ова го поттикна Токио значително да ја зајакне одбраната на југозападна Јапонија, вклучувајќи ги оддалечените острови кои се сметаат за клучни за одбранбената стратегија на Јапонија во регионот.
Јапонија и Русија се во територијален спор за група острови под руска контрола, кои поранешниот Советски Сојуз ги зазеде од Јапонија на крајот на Втората светска војна.
Расправијата ги спречи двете земји да потпишат мировен договор со кој официјално завршија нивните воени непријателства.