Намалувањето на работоспособното население во Јапонија води до структурни промени на пазарот на трудот кои го зголемуваат притисокот врз компаниите да ги зголемат платите и цените на нивните услуги, објави Централната банка на Јапонија во два истражувачки труда.
Наодите од овие студии го поддржуваат аргументот на јапонската централна банка дека зајакнувањето на инфлаторните притисоци поради зголемувањето на платите и цените на услугите го оправдува подигањето на каматните стапки од сегашните нивоа блиску до нулата.
Платите на постојаните вработени стагнираа дури и кога недостигот на работна сила се интензивираше од средината на 2010-тите.
Притоа, жените и постарите вработени ги пополнија празнините со преземање на ниско платени работни места со скратено работно време.
Трендот сега се менува бидејќи опаѓањето на бројот на жени и постари работници, зголемувањето на бројот на работни места и зголемувањето на платите за работните места со скратено работно време бараат од компаниите да ги зголемат платите за работниците со полно работно време, објави BOJ во истражувачки труд за јапонскиот пазар на труд.
„Недостигот на работна сила предизвикува промени во однесувањето на компаниите при одредувањето на висината на платите. Обемот на дополнителна понуда на работна сила веројатно постепено ќе се намалува и се проценува дека притисокот за зголемување на платите ќе остане“, посочуваат од БОЈ.
Нагорниот притисок врз платите почнува да ги заменува трошоците за суровините како главен двигател на инфлацијата, објави BOJ во друг истражувачки труд за цените во секторот на услуги во Јапонија.
Цените за услугите кои се движат од часови по англиски до туторство и масажи се зголемија поради континуираното зголемување на трошоците за работна сила, објавија тие.
„Со зголемениот притисок врз платите, ценовното однесување на компаниите се менува и ги поддржува цените во услужниот сектор, кои не се значително променети од доцните 1990-ти“, се вели во извештајот.