Делови од Јапонија денеска беа погодени од тропската бура „Мавар“, а властите советуваа повеќе од милион луѓе да се евакуираат, иако нема извештаи за повредени.
Мавар, кој направи хаос на западниот тихоокеански остров Гуам претходно оваа недела, сега е намален на тропска бура од јачина на супер тајфун, објави Ројтерс.
Властите советуваа скоро 1,3 милиони луѓе ширум Јапонија да се евакуираат, вклучително и најголемиот број во областите на западниот Хоншу, како што е префектурата Вакајама, соопшти Агенцијата за управување со пожари и катастрофи.
Нешто повеќе од 300 летови се откажани денеска, како и 52 фериботи и неколку железнички линии, соопшти јапонското Министерство за транспорт.
Засега нема извештаи за поплави или лизгање на земјиштето, но предупредувања за поплави и свлечишта се издадени во западниот дел на земјата, делови од островот Шикоку и Хоншу, со прогноза 350 милиметри дожд на метар квадратен во делови од западниот дел на Хоншу од 24 часот до сабота наутро.
Слични временски услови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во минатото, особено во летото 2018 година кога повеќе од 200 луѓе загинаа во западна Јапонија.
Јапонската метеоролошка агенција во четвртокот објави дека оваа пролет била најтоплата од почетокот на евиденцијата во 1898 година.