Израел во четврток ќе потпише договор за поморската граница со Либан и ќе стане важен снабдувач на гас за Европа во блиска иднина, изјави израелскиот премиер Јаир Лапид во Ерусалим.
Потпишувањето на историскиот договор, постигнат со посредство на САД, ќе ја отвори вратата за експлоатација на гасни полиња во источниот Медитеран, рече Лапид на денешната средба со холандскиот премиер Марк Руте.
Медиумите најавуваат дека договорот ќе биде потпишан во Накура, град на југот на Либан во близина на границата со Израел, каде што се наоѓа базата на привремените сили на ОН (УНИФИЛ).
Лидерот на израелската опозиција Бенјамин Нетанјаху, ривалот на Лапид на парламентарните избори закажани за 1 ноември, го критикуваше договорот со Либан и рече дека документот треба да биде изгласан од парламентот или народот на Израел треба да го каже своето мислење на референдум.
Неколку десничарски организации поднесоа четири претставки до израелскиот Врховен суд против договорот, тврдејќи, меѓу другото, дека е потребно одобрение од парламентот за да стапи во сила.
Судиите на највисокиот израелски суд вчера едногласно ги отфрлија претставките, наведувајќи дека не е потребно зелено светло на парламентот, туку само одобрение од владата.
Израел и Либан, двете соседни земји кои официјално се во војна, по интензивните индиректни преговори со посредство на САД објавија дека постигнале договор за поморската граница, со што се отстранети пречките за експлоатација на наоѓалишта на гас.
Според договорот, гасното поле Кариш е целосно лоцирано во израелските води. Либан ќе ги има сите права за експлоатација на полето Кана, чиј дел е во израелските води, за што Израел ќе добие компензација.
Почетокот на експлоатација на гас во полето Кариш ќе му овозможи на Израел да го зголеми производството на гас и неговата испорака преку гасоводот до Египет, како и транспортот со брод до Европа.
Израел во моментов ги експлоатира полињата Тамар и Левијатан во источниот Медитеран и навести дека сака наскоро да започне со производство на полето Кариш.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.