Израел го прогласи генералниот секретар на ОН за „персона нон грата“ и му забрани влез во земјата

Сподели со своите пријатели

Израел го прогласи генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за „персона нон грата“ и му забрани влез во земјата, велејќи дека ќе остане запаметен „како дамка во историјата на ОН“, пренесува Гардијан.

Loading...

„Денеска го прогласив генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за персона нон грата во Израел и му забранив влез во земјата. Оној што не може недвосмислено да го осуди грозоморниот напад на Иран врз Израел, како што тоа го направи речиси секоја земја во светот, не заслужува да стапне на израелска почва“, рече израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, во објава на социјалните мрежи.

„Ова е генерален секретар кој допрва треба да го осуди масакрот и сексуалните злосторства извршени од убијците на Хамас на 7 октомври, ниту пак водел какви било напори да ги прогласи за терористичка организација. Генералниот секретар кој им дава поддршка на терористите, силувачите и убијците од Хамас, Хезболах, Хутите и сега Иран – мајката на светскиот терор – ќе остане запаметен како дамка во историјата на ОН“, изјави тој, додавајќи дека Израел „ќе продолжи да ги брани своите граѓани и да го штити своето национално достоинство, со или без Антонио Гутереш“.

Според Гардијан, во октомври 2023 година, Гутереш изјавил:

„Недвосмислено ги осудив застрашувачките терористички акти на Хамас во Израел на 7 октомври, кои се без преседан. Ништо не може да го оправда намерното убивање, ранување и киднапирање на цивили – или лансирање ракети врз цивилни цели. Сите заложници мора да бидат третирани хумано и веднаш и безусловно да бидат ослободени“.

Сепак, тој ги налути Израелците велејќи во истиот говор: „Исто така, важно е да се признае дека нападите на Хамас не се случија во вакуум. Палестинскиот народ беше подложен на 56 години задушувачка окупација“.

Во таа прилика Гутереш рече и дека Палестинците „виделе како нивната земја постојано ја голтаат населбите и трпат насилство“, и дека ја гледаат нивната економија задушена, нивниот народ раселен и нивните домови урнати.

„Сепак, поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат ужасните напади на Хамас. И тие страшни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ“, изјави тогаш тој.

Loading...

Минатиот месец, членките на ОН со големо мнозинство ја поддржаа необврзувачката резолуција со која се повикува Израел да ја прекине својата речиси шестдецениска окупација на палестинските територии на Западниот Брег.