Израел формира национална гарда на барање на екстремната десница

Сподели со своите пријатели

Израелската влада најави формирање Национална гарда на барање на екстремно десничарски министер за дополнување на постоечките безбедносни сили.

Loading...

Додека критичарите тврдат дека тоа ќе го поткопа безбедносниот систем на земјата, одлуката го одразува степенот до кој владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху е под влијание на некогаш маргиналната екстремна десница на Израел, пренесува Радио Слободна Европа.

Владата на Израел во неделата го одобри создавањето на Националната гарда, овозможувајќи создавање на сили кои долго време ги бараше ултранационалистичкиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, според Фајненшл тајмс.

Премиерот Нетанјаху ѝ вети на екстремно десничарската партија Еврејска моќ на Бен-Гвир дека силите ќе бидат формирани како дел од коалицискиот договор на нивните партии по минатогодишните парламентарни избори.

Додека критичарите го осудуваат предложеното тело како „милиција“, владата вели дека новите сили ќе бидат одговорни за „националните вонредни ситуации“, како во мај 2021 година, кога избувна насилство во мешаните еврејско-арапски израелски градови додека Израел водеше 11-дневен војна со палестинските екстремисти во Појасот Газа.

Бен-Гвир, кој претходно беше осуден за поттикнување расизам и поддршка на терористичка организација, долго време се залагаше за Националната гарда, тврдејќи дека е потребна за да се бори против беззаконието и да се намали притисокот врз пренатрупаните полициски сили.

Одобрувањето за создавање на Националната гарда му донесе победа на екстремно десничарскиот министер, но наиде и на осуда од израелските безбедносни претставници кои предупредија дека таквите сили можат да ја дестабилизираат земјата, истакнува Вашингтон пост.

Нетанјаху минатата недела го поддржа предлогот на Националната гарда на Бен-Гвир во замена за неговата поддршка во услови на национална криза околу плановите за реформирање на судството во Израел.

Loading...

Министерот за национална безбедност, пак, ја поддржа одлуката на премиерот да ја замрзне работата за реформите во судството.

За да ја финансира Националната гарда, израелската влада предлага големи кратења во буџетот со прераспределба на околу 277 милиони долари од други министерства.

Според проценките, Владата ќе земе 85 милиони долари од Министерството за одбрана кое има најголем буџет.

Комесарот на израелската полиција Коби Шабтаи во писмото објавено во неделата оцени дека формирањето на Националната гарда е „непотребно, со исклучително високи трошоци кои можат да ја загрозат личната безбедност на граѓаните“.

Тој исто така изјави дека формирањето на гардата може да „нанесе голема штета на внатрешните безбедносни системи на земјата“.

Израелскиот јавен обвинител Гали Бахарав-Мијара им рече на владините претставници дека предлогот на Националната гарда се соочува со правни пречки. Според неа, полицијата „мора и може да се справи со безбедносните проблеми без потреба од дополнително тело“.

Како ќе изгледа Националната гарда и кој ќе ја води сѐ уште не е одлучено.

Комитетот од владини функционери во наредните месеци треба да ги договори деталите и да и ги предложи на Владата за одобрување.

Loading...

Но, без оглед на тоа како изгледа Гардата, одлуката на владата да ја основа го одразува влијанието што личностите како Бен-Гвир, некогаш маргинален активист, го имаат во најдесничарската влада во историјата на Израел, пишува Њујорк Тајмс, истакнувајќи дека Одлуката, исто така, покренува прашања за тоа колкава контрола има Нетанјаху врз неговата влада.

Поддржувачите на Националната гарда велат дека институцијата ќе го подобри одговорот на државата на немирите, а Бен-Гвир тврди дека постојните полициски сили немаат капацитет да задржат пошироки немири.

Тој изјави дека гардата треба да се состои и од редовни трупи и од доброволци кои би можеле да бидат повикани на краток рок.

Критичарите, сепак, стравуваат дека Националната гарда ќе се користи против арапското малцинство во Израел, кое сочинува околу една петтина од девет милиони жители на Израел, како и против демонстрантите од еврејската заедница.

Противниците на гардата стравуваат дека, доколку биде директно на чело на гардата, Бен-Гвир би можел да ја користи како лична милиција, што тој го негира.

На Бен-Гвир му беше забрането да служи воена служба поради неговите екстремни ставови и против него беа поднесени неколку кривични пријави.

Тој беше осуден за поттикнување расизам и поддршка на терористичка организација чиј водач се обиде да ги лиши Арапите од израелско државјанство и се залагаше за сегрегација на израелските јавни простори.

До 2020 година, тој во својата дневна соба чуваше портрет на Евреинот кој уби 29 Палестинци на Западниот Брег во 1994 година.

Loading...

Тој предложи да се користи Националната гарда за борба против кражбите од израелските земјоделски имоти и да се урнат куќи изградени без одобрение од владата.

Критичарите велат дека тоа е насочено кон арапското малцинство, бидејќи домовите на Арапите кои немаат градежни дозволи најчесто се уриваат во Ерусалим и пустината Негев, додека полициските податоци покажуваат дека непропорционален број Арапи се уапсени под обвинение за кражба од земјоделски имоти.