Изложба на Татјана Манева во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложба на слики на авторката Татјана Манева.

Loading...

Таа во Куманово ќе се претстави со 16 дела во поголем формат работени во текот на периодот 2017 – 2019 г.

Татјана Манева е родена 1978 година во Битола. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) и на ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници на Битола). Во 2002 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика, а во 2004 година магистрира на истиот факултет.

Татјана Манева е во потрага по вистината. Таа ја бара вистинската слика на светот. Ја бара сликата на светот што е сеопфатна и обременета со значење во свет затворен во себе, свет во кој што каде и да одите се среќавате само себе, свет што одамна го загубил значењето и ја загубил сопствената смисла на постоење. Нејзините слики сведочат за оваа потрага, пишува за неа ликовниот критичар Емил Алексиев.

„Длабоки и опасни се бездните што таа ги истражува. Навидум, сè во овие слики се случува во озрачувањето на некои тивки мугри кога наспроти синото самрачно небо, на работ меѓу ноќта и денот, кога темнината се заканува, кога не е извесно дека несигурната светлина одново ќе го обнови светот, кога сите нешта се чини дека се во опасност засекогаш да исчезнат, а сè што гледаме се гранките на мрачните дрвја што се преплетуваат и се нишаат на ветрот како треперливо насетување дека светот нема основа и опфат и дека можеби е само сон.

Но, тоа е само место каде почнува потрагата – потрага во значење на копнеж по обнова на светот и копнеж по животот, потрага по целината, по тајниот ред и нужноста, по онаа нужност без која што животот не би бил можен. А тоа значи ослободување на животот и на оние сили што се заробени во сите нешта.

Тоа значи и надминување на човековата одделеност од светот, на неговата отуѓеност и откривање на живот во кој човек е дел од нешто многу поголемо, од целина што некогаш ја нарековме Вселена. Во таа вознемирена вселана нè воведува Татјана Манева како во лавиринт.

Светот во фракталните исечоци од сликите на Татјана Манева не е веќе хиерархизиран, не е веќе пирамидален, устроен од врвот удолу, од центарот кон периферијата, од внатрешноста кон надворешноста…

Loading...

Тука се можни сите приклучувања во сложениот сплет на взаемни гестуални и пиктурални односи, сите прескокнувања, разгранувања и невозможни поврзувања. Ниту една точка тука не е средишна, доминантна, никаде нема почеток ниту крај, нема исходиште – можете само да се препуштите на заводливото губење на самите себе во овој лавиринт. 

Наспроти привидот на минорност (мал исечок од стварноста: миг пред сонцето да изгрее; рано утро кога небото е неподносливо сино и во полна тишина се очекува повлекување на темнината, провала на светлината и обнова на светот) Татјана Манева во своите слики ја зачувала монументалната визија на уметничкото дело.

Она што навистина е, ontos on, бивствувачко битие, не е средиште наспроти работ, бит наспроти привидот, она трајно наспроти минливото и менливото, или извесност на видливото наспроти ширината и неодредивоста на хоризонтот на светот, и тоа Татјана Манева го знае. Оттаму и се појавува таа разлика меѓу експлицитното значење на сликата (свет што сликата го отвора, експонира) и вкупното значењето што останува во резерва, што сликата го чува како што се чува богатство во ризница.

Оттаму и чувството дека овие слики се простор на безгранично зрачење каде насликаниот исечок од стварноста никогаш не е довршен, одреден и затворен во себе. Фрагментарни, фрактални, лавиринтски и мицелиски, овие дела нè насочуваат зад границата на видливото преку работ на стварноста.

Ние знаеме дека фрагменот е само дел од една невидлива целина, знаеме дека можеме да најдеме излез од лавиринтот и дека нема да се заплеткаме во сложениот мицелиски сплет на површината од сликата.

Овие слики не повикуваат на таинствено патување зад декоративната површина во длабочините до дното на сликата. Основа на сликите е темнината. Светлината се најавува со чудесниот танц на заслепувачките златни одблесоци и, одеднаш, пробива однекаде со сета сила и го осветлува лавиринтот каде животот и смртта се преплетуваат во движењето на формите и вистинскиот живот фосфоресцира на мрачното дно од стварноста.

Loading...

Зад лажливиот привид се открива пра-матрицата на формата, пра-пиктуралноста и гестуалната пра-матрица – ликовност како таква што се разградува и се разгранува во мицелиски сплетови коишто ја исполнуваат сликата во една наопаку превртена перспектива поврзувајќи ги корењата и гранките на едно дрво (albero), кое преоѓа во дрво-мапа (albero-mappa) и се разгранува во мицелиска мапа или ризом (mappa rizoma).

Делезовиот „ризом“ е симбол на преплетување без ред, без повисок закон и инстанца-стебло, што би ја одредило насоката на развитокот и на растењето. Мицелиската форма говори дека веќе не е можно да се пронајде вистината само во една одредена точка или јазол туку во целината, во присутноста на вкупноста на нештата, на „светското битие“ во сите негови презентни и скриени форми на појавување – во живото тело на светот.

Во ризомот нема точки или позиции што ги наоѓаме во одредена структура, во дрвото, коренот или гранките. Во ризомот постојат само линиите што се разгрануваат, се спојуваат и се преплетуваат… Ризом е метафора на чувствителното тело што трепери, што се шири, се разгранува, се грчи, се пресоздава, се преобликува, се прелева и се дели во многуте фрагменти, разграноци и канали или воздушни корени.

Сликите на Татјана Манева се откривање – барање на исчезнатото тело, recherché d’un corps, живо тело на светот загубено во историјата, заслепено од блескавите и разнобојни светла на неонските реклами, тело кое ја загубило сопствената сенка, тело кое неконтролирано расте и незапирливо се шири, место на метастаза, тело под наркоза, опиено од сопствената  самодоволност, тело што самото се прождира и кое што само себе се произведува од минијатурни клетки, матрици и мемории, од кое останало само клише, код, испразнета форма, некаква поза, декор, слика…

Треба, значи да се нурнете во сликата и зад сликата, во живото и раздвижено тело на светот што нема априорни форми, туку во него е светоста и светлината и изворот на сите бои, изворот на хроматската супстанца од која што е создадена сликата, во бездната и празнината на пиктуралното тело, во просторот на инкубација на формите, каде е матрицата  на сите облици и битиа и нешта – во одново пронајденото и обновено тело на светот. Тоа е тајната на сликите на Татјана Манева и тука почнува драмата на вистинските мистерии“ – пишува Алексиев.

Leave a Reply