Изложба на Мишо и Урош Вељковиќ вечерва во кумановската галерија

Сподели со своите пријатели

Четириесет и петгодишното работно творештво на Мишо и Урош Вељковиќ вечерва во 20 часот ќе биде презентирано пред граѓаните на Куманово во Умтеничката галерија.

Мирослав Мишо Вељковиќ, роден во Скопје 1953 година, завршил Училиште за применета уметност, а потоа студирал на Педагошка академија во класта на проф. Ристо Калчески. Работел како дизајнер во „Алкалоид“ и во А.Д. „Комуна“, а член е на ДЛУМ од 1986 година. Самостојно излагал во повеќе галерии во родниот град, во Прилеп и во Битола, а учествувал и на повеќе групни изложби и колонии во земјава и во странство.

Loading...

Урош Вељковиќ, син на Мишо, роден 1981 година, исто така во Скопје. Тој во светот на графиката и графичките техники влегол во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ кај професорот Ѓорги Чулаковски – Ѓото. Продолжил на Ликовната академија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот за графика и графички дизајн во класата на професорот Костадин Танчев – Динка, каде дипломирал во мај 2007 година. Освен во Скопје и во Велес, самостојно излагал и во Белград, соседна Србија и Виена, Австрија, а учесник е и на повеќе групни постановки во земјава, во САД, Израел и во Кина. Тој е еден од основачите на независната уметничка група: АРТ- ИНСТИТУТ – Скопје (2009 – 2012) и член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 2010 кога стана и добитник на наградата „Петар Мазев“ за сликарство на годишната изложба на оваа наша асоцијација.