Изложба на Марија Величковска во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во петок со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Распетие на светлината“ од авторката Марија Величковска.

Loading...

Изложбата содржи 26 слики коишто се работени во изминатите три години и претставува нејзин трет тематски циклус на самостојно презентирање на најновата сликарска продукција. Проектот е финансиски подржан од Министерството за култура на РС Македонија.

МАРИЈА ВЕЛИЧКОВСКА е родена 1974 година во Скопје. Средно уметничко училиште завршила во Скопје, отсек Применето сликарство. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Родољуб Анастасов, со насока – „Дипломиран сликар со модно креирање“.

ИЗЛОЖБИ: 1994 – Скопје, Сули-Ан-Изложба на студенти на Ф.Л.У. /

1995 – Неготино, Музеј на град Неготино-слики од колонијата Демир Капија/ 1995 – Тетово, Музичко училиште-Изложба на студенти на Ф.Л.У./ 1996 – Скопје-Сули-Ан-Фондација од семејството на проф.Борко Лазески /

1998 – 2003, Куманово-ДЛУК,

2003 – Прва самостојна изложба во Струмица, Работнички универзитет “Јоска Свештарот“/ 2003 – Втора самостојна изложба во Штип, Уметничка галерија Безистен / 2005 – Уметничка колонија – Струга – Раководител, Александар Цане Јанкуловски / 2006 – Изложба од колонијата во Струга,Работнички универзитет – Скопје /2003 – 2013, Куманово-ДЛУК ,

2011 -Трета самостојна изложба во Куманово,Центар за Култура “Трајко Прокопиев“ /2012 – Четврта самостојна изложба во Кочани – Национална установа Центар за Култура “Бели Мугри“ /2012 – Петта самостојна изложба во Кратово-Музеј на град Кратово /2012 – учество на биенална изложба на цртежи “Скици 2012“

Loading...

2014 – септември ,биенална изложба на цртежи “Скици 2014 /2015“ Куманово

 ДЛУК-2012-2020/ Изложба на скици/29/09-2017 -изложбен салон центар за култура„Трајко Прокопиев“-Куманово/ Шеста самостојна изложба 12.05. 2016,„Импресии“-НУ Центар за култура„Трајко Прокопиев“Куманово/ Седма самостојна изложба,2 јуни 2016-НУ Центар за култура-Кр.Паланка.

 

По двете реализирани изложби во НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово на академската сликарка Марија Величковска (“Имагинации“ во 2011 година и “Импресии“ во 2016), повторно имаме можност за кратка анализа и запознавање  на најновата продукција на сликарските остварувања на оваа авторка работени во периодот од последните три години (2019-21), со наслов “Распетие на светлината“.

И, ако кај некои автори ни се јавуваше сомнеж за меѓусебната поврзаност на нивната авторска практика во смисла на континуитет и доследност на сликарскиот израз, кај Марија Величковска, во таа насока, забележуваме конзистентност и перманентен развој. Тоа причинско-последично движење кон тотална деструкција и деконструкција на просторот, бегање од материјалниот свет кон слободно интерпретирани енергетско-светлосни партии како и трансформација на правоаголно парцелизираните површини на композициската поставеност на сликата во сложена гестуална колористичка аритмична секвенца, се само продолжение на веќе востановените сликарски решенија на оваа авторка. Апстрактно – експресивната компонента е доминантна во однос на поранешната асоцијативност на елементите, пред сè заради нагласената улога на колоритот на сметка на  редуцираниот цртеж, но од друга страна, со изборот на боите и нивната меѓусебна интеракција е постигнат ефект на биоморфност и е даден акцент на материјалната структура. Со други зборови, авторката успеала покрај компонентата на морфолошко-визуелните карактеристики на обесформените апстрактни објекти да внесе живот и во колористичките површини еманирајќи светлина којашто остварува комуникација на едно потсвесно ниво, повеќе на интуитивен отколку на рационален план. Оттука и чувството за определена психичка атмосфера во смисла на доминација на топли (оптимистички) и ладни (депресивни) бои и креирање на соодветни емоционални состојби под коишто претпоставуваме била и самата авторка. Сепак, она што е фасцинантно кај Марија Величковска е моќта на нејзината сликарската имагинација евидентирана во процесот на трансформација на реални теми од материјалниот свет (“Феникс“, “Извор“, “Ангелот на боите“, “Ембрионот на светлината“ и др.) во апстрактно дематеријализирани колористички светлосни сензации сведени на енергетски отпечатоци пред своето конечно исчезнување…

Динамиката  и страста внесени на сликарското платно преку енергични потези на четката се лесно читливи исто како и желбата на авторката за воспоставување на духовно-визуелна комуникација со нејзиното дело. Меѓу другото во образложението на проектот, Марија ќе запише дека сликите од “Распетие на светлината“ ги работи под влијание на тешката атмосфера од ковид и постковид состојбите па оттука разбирлив е и ликовниот ракопис и вокабулар во којшто доминира потрага за нова реалност, конструирана на сосема нови постулати и принципи. Можеби надежта и оптимизмот ќе ја врати легендата за жар-птицата којашто е тема на некои слики од овој циклус, легенда којашто е инспирација, по зборовите на Марија Величковска, за целата нејзина најнова поставка. А можеби се работи само за уште една фаза во која е забележано драматичното време во коешто живееме распнати во сите насоки, како светлина на крстопатот на судбината, парадигма толку силно потенцирана во сликарските трудови на Марија, што нè остава збунети пред идните искушенија.

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 22.12.2021.

Автор: Роберт Цветковски, историчар на уметноста

Loading...