Изложба на кумановскиот академски уметник Зоран Арсовски – Бабата во Прилеп

Сподели со своите пријатели

Во Ликовната Галеријата на Национална Установа Центар за култура”Марко Цепенков” – Прилеп во петок на 20-ти мај со почеток во 19.00  часот ќе биде отворена изложба на минијатури на академскиот визуелен уметник Зоран Арсовски – Бабата. Ова е негова 14-та  по ред самостојна изложба.

Loading...

Зоран Арсовски – Бабата е роден во Куманово 1980 година. Има Дипломирано и Магистрирано на Националната Ликовна Академија во Софија на катедрата за визуелни уметности насока Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Има реализирано 14 самостојни изложби од кои дел се пред Меѓународната ликовна сцена, учествувал на повеќе групни изложби, ликовни колонии, проекти, работилници и симпозиуми во земјава и странство. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). За својата работа има добиено повеќе награди и признанија.

Изложбата го носи насловот “Тектонски пореметувања – 2” која е продолжение на проектот Тектонски пореметувања кој во 2019 година беше презентиран пред Српската публика во Белград во престижната Галерија на “Белградската тврдина на Калемегдан” и уште во 2 града во Србија, a потоа истата беше презентирана во Софија во “Културно – информативен центар на Македонија” и уште во 1 град во Бугарија.

На ова изложба ќе бидат претставени над шеесетина дела коишто се изработени во маслена и акрилна сликарска техника. Арсовски е познат по своите концептуални изложби кои секогаш носат силни пораки па така и оваа изложба се трансформира во еден необичен свет којшто е реален како и секој друг и живее на сликарското платно но и во окото на гледачот, којшто молчи и гласно ги изразува своите пораки во зависност од тоа кој е перцепиентот на тој дел креативна реалност. А пораките можеби делуваат застрашувачки: изумирање на многу животински видови, птици, инсекти, тропски цицачи, како последица на човечките активности пред се погубното дејство на модерните технологии, брзиот начин на живеење за профит, нуклеарни експерименти и токсичните гасови во воздухот штетни врз човековото здравје и околина, како и глобалното загревање на планетата земја се претставени во делата на Арсовски. Затоа овој опус на дела треба пред се да се разбере како крик и последно предупредување до сите луѓе коишто ја сакаат оваа планета и можат со своето влијание да помогната во зачувувањето на животната средина, но и како дел од една единствена  интимна авторска креација којашто е посветена на еколошката идеја.

Интегрално соопштение