Избирачките списоци повеќе нема да бидат достапни за увид на интернет

Сподели со своите пријатели

Според барањето на Дирекцијата за заштита на личните податоци на вчерашната седница Државната изборна комисија донесе одлука да ги повлече од јавен увид на интернет Избирачкиот список со вкупниот број гласачи, како и списокот на гласачи кои ќе бидат предмет на теренска проверка, каде имаше запишано скоро 90 илјади гласачи.

По однос на решението за Избирачкиот список во кој беше достапна проверка по име и презиме, адреса и место на гласање, донесена е одлука да се поднесе тужба пред Управниот суд со образложение дека повлекувањето на Избирачкиот список е во спротивност на Изборниот законик.

Дирекцијата за заштита на личните податоци ги донесе двете решенија откако по службена должност изврши вонреден инспекциски надзор во ДИК по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб-страница.

Според Дирекцијата, Изборниот законик во членот 55 став 1 предвидува дека личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните. Но, со овозможувањето електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку интернет за неодреден период, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели.