Италија: Поради врски со мафијата 200 лица осудени на 2.200 години затвор

Сподели со своите пријатели

Повеќе од 200 луѓе беа осудени на 2.200 години затвор во еден од најголемите судски процеси против членови на мафијата што некогаш бил одржан во Италија.

Loading...

Судењето траеше три години, а тие беа осудени за нивната поврзаност со Ндрангета, една од највлијателните криминални организации во Европа.

Тие беа осудени за различни кривични дела, од изнуда до трговија со дрога.

Меѓу осудените е и поранешен италијански сенатор, иако пресудите се уште може да се обжалат.

Случајот покажа колку е раширено влијанието на мафијата во општеството и политиката на јужна Италија.

Меѓу осудените има и таканаречени бели јаки – локални функционери, бизнисмени и политичари, што укажува на далекосежното влијание на организираниот криминал врз институциите.

Меѓу другото, осуден е Џанкарло Пители, адвокат и поранешен сенатор на партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој почина на 12 јуни 2023 година.

Пители доби 11 години затвор поради вмешаност во мафијашки бизнис.

Loading...

Меѓу осудените има државни службеници, професионалци од различни бизнис сфери и високи функционери, кои беа клучни за инфилтрацијата на „Ндрангета“ во економијата и државните институции.

Повеќе од 100 обвинети беа ослободени.

Судиите кои ја изречеа пресудата беа ставени под полициска заштита.

Со потекло од сиромашниот регион Калабрија, Ндрангета се смета за една од најопасните криминални организации во светот.

Се проценува дека контролира дури 80 отсто од европскиот пазар на кокаин, со годишен обрт од околу 60 милијарди долари.

Судењето се одржа на периферијата на градот Ламеција Терме, во високо обезбедена судница, опремена со кафези за обвинетите и доволно голема за да собере околу 600 адвокати и 900 сведоци.

Меѓу обвиненијата против нив се и убиство, изнуда, трговија со дрога, проневера, злоупотреба на службената положба и перење пари.

Судењето покажа како се проширила калабриската мафија, инфилтрирајќи се во локалната економија, јавните институции, па дури и во здравствениот систем, местејќи јавни тендери и поткупувајќи ги локалните службеници.

Loading...

Во судењето, најголемото од ваков вид од 1980-тите, судиите поминаа илјадници часови испитувајќи сведоци.

Поранешните мафијаши, кои станаа сведоци-соработници, зборуваа за активностите на семејството Манкузо и нивните соработници, кои имаат голема контрола врз провинцијата Вибо Валентиа.

Семејството Манкузо, од градот Лимбади, е едно од најмоќните од 150-те кланови што ја сочинуваат Ндрангета.

„Судењето покажа дека мафијата традиционално најмногу се поврзува со криминални активности како што се изнуда или трговија со дрога“, вели Ана Серги, професорка по криминологија на Универзитетот во Ексетер.

„Меѓутоа, важно е да се забележи дека луѓе од различни милјеа, како што се „работниците на белата јака“, беа вклучени во мафијата, што дава посеопфатен поглед на врските меѓу мафијашките кланови“, додаде таа.

Повеќето од обвинетите беа уапсени во декември 2019 година, по опсежна истрага во најмалку 11 италијански региони.

Околу 2.500 полицајци учествуваа во рациите во Вибо Валентиа, област која првенствено ја контролира кланот Ндрагуета Манкузо.

Повеќе од 50 поранешни членови на мафијата се согласија да соработуваат со судот, вклучувајќи го и внукот на Луиџи Манкузо, Емануеле.

Loading...

Судењето откри дека членовите на Ндрангета наводно криеле оружје во капелите на гробиштата, користеле амбулантни возила за транспорт на дрога и ги пренасочувале јавните резерви на вода за одгледување марихуана.

Луѓето кои се спротивставиле на организирана криминална група се соочиле со тешки последици и закани – на прагот нашле мртво кученце или козја глава, им биле запалени автомобилите и им биле искршени стаклата.

„Ова покажува колку е предизвикувачка борбата против Ндрангета поради нејзините политички, економски и финансиски врски“, вели Антонио Никасо, автор и експерт за организиран криминал.