Италија го повлече предупредувањето за цунами издадено за јужните крајбрежни области по големиот земјотрес во централна Турција и северозападна Сирија, соопштија денеска италијанските власти.
Одделот за цивилна заштита на Италија во првите моменти по силниот земјотрес издаде соопштение во кое им препорача на граѓаните да се држат настрана од крајбрежните области, но ова предупредување подоцна беше повлечено, пренесува Ројтерс.
Како мерка на претпазливост, железничкиот сообраќај беше привремено прекинат во регионите на Сицилија, Калабрија и Апулија на југот на Италија, се наведува во соопштението на агенцијата.
Поради земјотресот што утрово ги погоди Турција и Сирија, властите во Италија издадоа предупредување за цунами на нивните брегови и ги предупредија граѓаните да бегаат од брегот на повисоките места и да ги следат инструкциите на властите.
Службата за мониторинг на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар тогаш за Ројтерс изјави дека се проценува ризикот од цунами.
„Врз основа на податоците што ги обработивме, Одделот за цивилна заштита издаде предупредување за можни бранови од цунами кои доаѓаат на италијанскиот брег по земјотресот кој имаше епицентар меѓу Турција и Сирија. Ви препорачуваме да се оддалечите од крајбрежните области. делумно се вели во соопштението.
Тоа предупредување, сепак, подоцна беше повлечено.
Да потсетиме, во разорниот земјотрес што рано утринава ја погоди пограничната област меѓу Турција и Сирија, стотици луѓе загинаа во Сирија, соопшти помошникот сириски министер за здравство, Ахмед Дамирие.
Тој на сириската државна телевизија изјави дека бројот на загинати се искачи на 237, а повредени се 639 лица, пренесува Ројтерс.
Претходно беше соопштено дека во Турција, каде што беше епицентарот на земјотресот загинаа 76 лица, но бројката сега надмина 200. Како што пренесуваат медиумите, со оглед дека спасувачите се уште се на терен, бројот на загинатите и повредените не е конечен .
АП наведува дека полицијата и локалното население избезумено трагаат по преживеани под урнатините на урнати згради во неколку градови од двете страни на границата, а очигледно бројот на жртвите не е конечен.
Во турскиот град погоден од земјотресот, десетици луѓе се обидуваат да преместат парчиња бетон и метал и да ги повикаат затрупаните во урнатините на зградите на работ на целосен колапс.
На сириската страна на границата, земјотресот ги погоди регионите под контрола на опозицијата со околу четири милиони Сиријци раселени од другите делови на земјата поради граѓанската војна.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Турција можете да ги прочитате ТУКА.