Повеќе од 40 проценти од жителите на најголемите европски градови размислувале да се преселат поради пандемијата на коронавирусот, а предничат лондончани кои се најчесто склони да фантазираат за живот во помал град со подобар пристап до паркови и други погодности, покажа истражување.
Половина од жителите на Лондон, Париз, Милано, Мадрид и Берлин изјавија дека поради затворањето заради пандемијата станале позагрижени за пренатрупаноста и загадувањето на воздухот, покажува истражувањето спроведено од британската компанија Аруп.
„Пандемијата покажа како може да се наруши нашето опкружување“, рече менаџерот за урбан дизајн Малком Смит од „Аруп“. Тој додаде дека луѓето ја разбираат важноста да живеат близу до основните услуги како што се продавници и зелени површини.
Две петтини од испитаниците во британскиот главен град изјавиле дека во пандемијата привремено патувале во помалку населена област.
Во Мадрид и Милано, секој десетти жител го сторил тоа.
Причината за ова е што жителите на Лондон, за разлика од нивните соседи, имаат подалечни зелени површини, продавници за храна, спортски сали и кафулиња, покажува истражувањето засновано врз интервјуа со околу 5.000 луѓе во пет градови
„Се чувствувавме прилично изолирано за време на затворањето во нашата станбена област, со многу оддалечени објекти“, рече 27-годишниот Бриндис Садлер, кој ја напушти лондонската област Актон и купи куќа на 64 милји северно од Хичин во Хертфордшир во октомври.
Лондончаните беа најмногу склони да фантазираат за бегство од градот – 59 проценти рекле дека размислуваат да го напуштат градот, во споредба со 41 процент од парижаните и 30 проценти од жителите на Берлин.
Ковид-19 ја истакна важноста на близина на зелените површини до кои може да се стигне пеш или со велосипед, откриваат одговорите на 85 проценти од испитаниците.
На жителите на Лондон во просек им требаат околу 20 минути до парк или игралиште, скоро двојно подолго од жителите на другите четири градови, покажува истражувањето.
Златко Шумковски