Израел во вторникот објави дека делови од библиски пергамент стар 2.000 години се пронајдени на југот на Јудејската пустина, нарекувајќи го откритието „историско“ и едно од најважните од откривањето на списите на Кумран или седумте свитоци откриени во пештера во близина на Мртвото Море.
– За прв пат по приближно 60 години, благодарение на археолошките ископувања, беа откриени делови од библискиот пергамент – се наведува во соопштението на Израелската управа за антиквитети (АИА).
Според израелските археолози, делови од ракописот, напишан на грчки јазик, овозможиле реконструкција на пасуси од Стариот завет, поточно од Книгата на пророкот Захарија и Книгата на пророкот Наум.
Тие биле пронајдени за време на археолошките истражувања во пештерата на природниот резерват Нахал Хевер, како дел од акцијата иницирана на државно ниво, чија цел е борба против грабежот на националното културно наследство.
Со цел успешно да се спроведе операцијата, која се протегала на дел од Јудејската пустина лоцирана на Западниот брег, палестинската територија окупирана од Израел во 1967 година, АИА им ставила на располагање на археолозите беспилотни летала и опрема користена од алпинисти, особено при слетување јажиња
Покрај парчињата пергамент, археолозите откриле и ретки „парчиња“ кои датираат од периодот на еврејското востание на Бар Кочба против владеењето на римскиот император Адријан (132-136 г. н.е.), но и мумифициран детски скелет покриен со крпа, стар околу 6.000 години, како и корпа која датира од период од 10.500 години.
АИА проценува дека тоа е веројатно најстарата корпа во светот.
Да се сочува културното наследство од ограбувачите
Израел Хејсон, директор на Израелската управа за антиквитети, која ги проучува пронајдените предмети во нејзината лабораторија сместена во Ерусалимскиот музеј на Израел, вели дека целта на оваа иницијатива, покрената во 2017 година, е „спасување на ретко и значајно национално културно наследство од разбојници “.
Од откривањето на свитоците на Мртвото Море пред повеќе од 70 години во пештерите Кумран, камените пештери на Јудејската пустина станале честа мета на ограбувачите од античко време.
Овие 900 ракописи се сметаат за едно од најважните археолошки откритија на сите времиња, бидејќи содржат религиозни текстови на хебрејски, арамејски и грчки јазик, како и најстарата позната верзија на Стариот завет.