Иран подготвен да преговара за реактивирање на договорот од Виена

Сподели со своите пријатели

Главниот ирански преговарач Али Багери Кани најави дека Иран сака преговорите за повторно активирање на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и големите светски сили да завршат што е можно поскоро.

Loading...

„Ги предложивме нашите идеи за да го отвориме патот за брзо завршување на преговорите во Виена. Подготвени сме да ги завршиме преговорите на краток рок, доколку другата страна е подготвена да го стори истото“, напиша Кани на Твитер, пренесува Ројтерс.

Ова го соопшти Кани, коментирајќи го предлогот за повторно активирање на договорот што во вторникот го претстави високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Борел потоа објави дека предложил нов нацрт-документ за заживување на иранскиот нуклеарен договор и додаде дека нема простор за големи компромиси.

Времето за обновување на договорот истекува

Борел во написот за Фајненшл тајмс рече дека „ставил на маса“ текст во кој детално се опишани ублажувањето на санкциите и нуклеарните чекори потребни за заживување на договорот, формално познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA).

„По 15 месеци интензивни, конструктивни преговори во Виена и безброј контакти со потписниците на JCPOA и САД, заклучив дека просторот за дополнителни значајни компромиси е исцрпен“, рече Борел, пренесува Танјуг.

Тој не образложи за неговиот предлог, но посочи, како и многу западни функционери претходно, дека времето за обновување на договорот истекува.

Во 2015 година, Иран потпиша договор за својата нуклеарна програма со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина во Виена.

Loading...

Документот предвидува Техеран да ја ограничи својата нуклеарна програма, а за возврат да се олеснат санкциите.