Иранскиот претседател Хасан Рохани објави дека наредил напуштање на сите ограничувања за нуклеарно истражување и развој на оваа технологија во земјата.
„На иранската организација за атомска енергија им е наредено да ги преземат сите неопходни чекори за истражување и развој за да ги напуштат сите заложби направени во областа“, рече Рохани за државната телевизија.
Мерката е преземена „затоа што не го постигнавме резултатот што го сакавме“ во контекст на тековната дипломатска иницијатива на Франција за зачувување од уништување на нуклеарниот договор постигнат во јули 2015 година во Виена, изјави иранскиот претседател.
Рохани го изјави ова веднаш откако американскиот претставник во Иран Брајан Хук ја отфрли идејата за „укинување“ на санкциите на САД врз Иран за да се овозможи кредитна линија од 15 милијарди американски долари за која се разговараше со европските потписнички на нуклеарниот договор.
Иранските власти денеска посочија дека се подготвени целосно да го спроведат нуклеарниот договор во замена за кредитна линија од 15 милијарди американски долари за преговарање со Европејците, со краен рок овој викенд.
Франција, Германија, Велика Британија и Иран веќе последните неколку денови разговараат за тоа како да се спаси меѓународниот договор склучен во Виена во 2015 година, кој беше доведен во прашање откако САД еднострано се повлекоа во мај 2018 година.