Здружението на граѓани „Инклузива“ од Куманово денеска ги повика кандидатите за градоначалник и советници да ја потпишат декларацијата за инклузија на лицата со попреченост.
Како што рече Благица Димитровска, со декларацијата идните советници ќе се обврзат да размислуваат на инклузијата на лицата со попреченост како за сите граѓани.
– Ова декларација на некој начин ќе ги обврзе идните советници да размислуваат на инклузијата на лицата со попреченост како за сите граѓани, не во сегрегирани средини и несоодветни услови како сега. Ние сме свесни дека во нашата општина не постои пристапно место лицата со попреченост не можат да дојдат до општината ниту до Советот на Општина Куманово, а да не зборуваме за банките, поштите, здравствените установи и сите други објекти во кои не можат да пристапат, изјави Димитровска.
Досега само еден кандидат, носител на листа од граѓанска иницијатива ја потпишал декларацијата.
– Утрово има еден кандидат што е носител на листа граѓанска листа потпиша, имаме најавено политичка партија што ќе дојде да се потпишат, ќе видиме во текот на денот, но остануваа уште два дена има време за сите, вели Димитровска.
Како што рече таа, во 21 век треба да се направат промени и тоа ќе се стори ако заеднички работат сите.
Ги повика кандидатите до петок од 10 до 15 часот во канцелариите на НВО „Инклузива“ да ја потпишат декларацијата.
Со тоа, вели Димитровска, нема да направат ништо лошо, туку подобро за иднината на граѓаните со попреченост.
Никола Ивановски