Потрошувачките цени во Соединетите Американски Држави (САД) едвај пораснаа во ноември, благодарение на поевтиниот бензин и половните автомобили, што резултираше со најмал годишен пораст на инфлацијата за речиси една година.
Ова би можело да и даде причина на американската централна банка, Федералните резерви (ФЕД) на денешната седница да почне да го намалува опсегот на зголемување на референтната каматна стапка, пренесува SEEbiz.
Потрошувачката инфлација во САД се зголеми за 0,1 отсто минатиот месец, по растот од 0,4 отсто во октомври, објави денеска Министерството за труд.
Економистите анкетирани од Ројтерс предвидоа месечен раст од 0,3 отсто.
Потрошувачките цени се зголемија за 7,1 отсто на годишна основа, што е најниско од декември минатата година, откако во октомври пораснаа за 7,7 отсто.
Највисоката годишна стапка на инфлација во Америка од 9,1 отсто е забележана во јуни, што е нејзин највисок раст од ноември 1981 година.
Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, порасна за 0,2 отсто месечно, откако во октомври порасна за 0,3 отсто.
Во 12-те месеци до ноември, растот на базичната инфлација забави на шест отсто, од октомвриските 6,3 отсто.
И покрај падот на инфлацијата, поддржан од падот на цените на користените моторни возила и продажбата од страна на фирмите за привлекување финансиски загрозени купувачи и расчистување на залихите поради намалената побарувачка и подобрената ситуација во синџирот на снабдување, високите кирии ја одржуваат вкупната основна инфлација во САД висока.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.