На вработените во белгиската федерална влада повеќе нема да им биде дозволено да ја користат видео апликацијата ТикТок, во кинеска сопственост, на нивните официјални мобилни телефони, изјави во петокот белгискиот премиер Александар Де Кро.
Де Кро објасни дека белгискиот совет за национална безбедност предупредил на ризиците поврзани со големиот број податоци што ги собира ТикТок, кој е во сопственост на кинеската компанија ByteDance, како и фактот дека компанијата е обврзана да соработува со кинеските разузнавачки служби.
„Тоа е реалноста и затоа е логично да се забрани употребата на ТикТок на паметни телефони кои се обезбедени од федералната влада. Безбедноста на информациите е на прво место“, рече тој.
На ваквата одлука реагираше ТикТок со соопштение во кое се вели дека е разочаран и дека се базира на „фундаментално погрешни информации“.
Компанијата објави дека складира кориснички податоци во САД и Сингапур и дека гради центри за податоци во Европа.
„Кинеската влада не може да ги принуди другите суверени нации да споделуваат податоци складирани на нивна територија“, рече портпаролот на компанијата.
Европската комисија и Европскиот парламент минатиот месец ја забранија употребата на ТикТок на паметните телефони на нивниот персонал, загрижени поради можноста кинеската влада да собира кориснички податоци или да ги промовира нејзините интереси.
Пекинг цело време негира дека има такви намери.
Белгиската фламанска регионална влада, исто така, во четвртокот објави дека ќе го ограничи пристапот до ТикТок на телефоните на своите вработени, а Де Кро ги повика другите регионални влади да ги применат истите правила.