Христијан Мицкоски ја објави кандидатурата за лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Сподели со своите пријатели

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил попладнево ја објави кандидатурата за претседател на партијата.

Конгресот за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи утре и задутре во Валандово.

– Во изминатиот период голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, но и огромен број на обични граѓани ми изразија поддршка и охрабрување да превземам чекор. И јас, со чиста мисла, со голема верба, и со отворено срце ќе ја прифатам одговорноста да поднесам кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се избере на 16тиот конгрес во Валандово, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Мицкоски меѓудругото напиша:

„Никогаш, никогаш нема да се откажеме“, велеше Черчил. И така е. Во минатиот период Република Македонија поминува низ сериозна бура, пропратена со сериозни предизвици, на економски, политички, општествен план. Македонија е зафатена од перманентна политичка криза, чиј крај не се надзира, економија која е на стаклени нозе, мало стопанство кое е во фаза на клиничка смрт, здравство за кое во јавноста се зборува само кога се бележат уништени човечки животи, млади кои немаат надеж, култура во која поделбите и рушењето стануваат главен императив, на сметка на дадените ветувања кои не се исполнуваат. Погледнете, во општеството не се говори за реалните проблеми, за економијата, за концепти кои ќе ја однесат државата напред, но затоа власта се пресметува со опозицијата, политичкиот реваншизам станува алфа и омега на политичкото делување. А граѓаните бараат излез. Главното прашање кое пристигнува овие денови до мене е што сега?

Loading...

Ова за мене лично е една од најсериозните одлуки во животот, целосно разбирајќи ја тежината, честа, но и одговорноста да се води партијата која е вградена во кодот на македонецот и македонската држава и која ќе остане еден од главните темели на нашата татковина. Никогаш во животот не сум бегал од предизвици, а овој, можеби е мојот најголем, и јас тој го прифаќам. Како човек можев да одберам да останам професор на мојот факултет, или пак да продолжам да работам и творам во научната област каде имам долгогодишен минат труд, но како граѓанин на оваа земја не можам да останам рамнодушен на болното секојдневие на македонскиот граѓанин, на неговите реални потреби, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил

Извор: МИА