Најмалку 27 лица загинаа во пожар во јапонскиот град Осака, соопштија пожарникарите.
Пожарот избувнал околу 10 часот по локално време на четврти кат од зграда во квартот Кита, кој е познат по бројните трговски центри, пишува Јутарњи.хр.
Според пожарникарите, пожарот бил под контрола околу половина час подоцна. Изгорена е површина од околу 20 метри квадратни, соопшти локалната противпожарна служба.
Не е забележана штета на другите катови во зградата или на соседната зграда. Полицијата истражува дали пожарот бил намерен, јавува Би-Би-Си.
Локалните медиуми пишуваат дека жртвите најверојатно починале поради густиот чад бидејќи не можеле да дишат. Според телевизијата Асахи, девет лица починале во болница. Официјални лица соопштија дека едно лице е повредено.
На социјалните мрежи кружат бројни видеа од местото на настанот на кои се гледа како пожарникарите се борат со пожарот. Како што пренесуваат светските медиуми, низ прозорците извирал густ чад.
На катот од кој настанал пожарот има клиника која давала услуги поврзани со менталното здравје. Сѐ уште нема официјални информации што точно се случило.
BREAKING: Massive building fire in #Osaka, Japan, 27 feared dead. pic.twitter.com/yplv7JYo6p
— Insider Paper (@TheInsiderPaper) December 17, 2021
Изјави на сведоци, постои сомневање дека пожарот е подметнат
„Видов портокалов пламен на четвртиот кат од зградата. Жена на шестиот кат мавташе со рацете и бараше помош“, изјавил неименуван сведок за Кјодо, кој бил во блиската канцеларија.
„Имаше многу темен чад, а мирисот беше многу силен“, изјави друг сведок за NHK.
Полицијата ги истражува сомневањата за подметнување пожар, вклучително и извештаите дека маж го подметнал пожарот во зградата, објави Kyodo News, повикувајќи се на луѓе вклучени во истрагата.
Постар маж донел кеса од која истекувала запалива течност. Се верува дека тој е пациент на клиниката, пишува весникот „Мајничи“.
Минатата година Јапонија доживеа еден од најлошите инциденти со голем број жртви од Втората светска војна, откако маж запали филмско студио во Кјото во 2019 година, при што загинаа 36 лица, јавува Би-би-си.