Повеќето од нападите биле извршени од групата Лазарус, која е под американски санкции и поддржана од севернокорејското разузнавање.
Хакери од Северна Кореја украле речиси 400 милиони долари во криптовалути за време на најмалку седум сајбер – напади во 2021 година, според извештајот на Cheynanalysis, кој ги анализира „виртуелните паричници“.
Минатата година била една од најуспешните за сајбер – криминалците од оваа азиска земја, кои работат по наредба на режимот во Пјонгјанг, на чие чело е лидерот Ким Џонг Ун цели десет години.
Цел на хакерите од Северна Кореја биле главно инвестициски компании и централизирани менувачници.
Пјонгјанг постојано негираше дека има некаква врска со сајбер-напади.
„Од 2020 до 2021 година, бројот на напади од хакери поврзани со Северна Кореја се зголеми од четири на седум, а вредноста на нивниот плен скокна за 40 отсто“, се вели во извештајот на Cheynanalys.
Хакерите користеле голем број техники, вклучувајќи кражба на идентитет, експлоатација на код и малициозен софтвер, за да извлечат средства од голем број организации и компании и потоа да ги префрлат на сметки и адреси под контрола на Северна Кореја.
Паричниците со криптовалути се поврзани на интернет и се ранливи на хакерски напади.
Тие се користат за испраќање и примање криптовалути и им овозможуваат на корисниците да имаат увид во нивниот статус.
Најголем дел од сајбер – нападите се извршени од хакери наречени „Лазарус груп“, кои се под американски санкции, а кои се поддржани од севернокорејската разузнавачка служба.
Најпознатиот напад на оваа група беше оној од 2014 година, кога на мета беше компанијата „Сони пикчрс“.