Грета Тунберг пуштена од притвор по проверка на идентитетот

Сподели со своите пријатели

Климатската активистка Грета Тунберг е ослободена откако беше приведена заедно со други активисти за време на протестот против уривањето на село во Германија за проширување на рудник за јаглен, соопшти полицијата.

Loading...

Според полицијата, Тунберг била ослободена по проверка на идентитетот, пренесува Ројтерс.

Тунберг беше меѓу групата демонстранти кои беа приведени вчера за време на протестот против ископувањето јаглен во рудник во близина на германското село Лицерат.

Полицијата претходно за Би-Би-Си изјави дека Тунберг не е уапсена и дека ќе биде ослободена откако ќе се провери нејзиниот идентитет, како и дека и другите приведени демонстранти ќе бидат ослободени без обвинение по проверката на идентитетот.

Тунберг, 20-годишна шведска активистка за клима, од минатиот петок се појави неколку пати на протест во областа Лицерат, меѓу Ахен и Дизелдорф, по одлуката да започне ископување лигнит во селото.

„Едноставно не можеме да прифатиме дека на енергетската компанија РВЕ и е дозволено да работи со германската влада и со тоа да ги загрози животите на безброј луѓе“, рече Тунберг.

Тунберг, која со денови протестира против проширувањето на рудниците и ископувањето лигнит со други активисти, неодамна во интервју за германската телевизија АРД изјави дека Германија историски е еден од најголемите загадувачи на природната средина во светот, објаснувајќи дека загадувањето што се случува во Германија не останува само во таа земја.

Пред пет години Тунберг го привлече вниманието на светската јавност кон себе кога организираше средношколски климатски протести кои добија глобален карактер.

Loading...

Нејзиниот личен протест организиран на 15 март 2019 година, под слоганот „Училишен штрајк за климата“ пред шведскиот парламент во Стокхолм привлече медиумско внимание, а околу 1,4 милиони студенти од 112 земји и се придружија.

Тројца пратеници во норвешкиот парламент ја номинираа за нејзиниот активизам.