Горивата и лековите со најголемо учество во прометот на трговија во 2019 година

Сподели со своите пријатели

Прометот во трговијата на мало по групи производи во 2019 година изнесувал 327 678 671 000 денари, покажуваат податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика.

Loading...

Во рамки на одделот Трговија на мало, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 94,5  проценти од прометот во вкупната трговија на мало, најголемо учество од 17,5 проценти има прометот од продажбата на автомобилски горива. Потоа следат прометот од продажбата на фармацевтски производи (лекови: фармацевтски производи и препарати – витамини, антибиотици, серуми и вакцини – само за човечка употреба) со 5,8  проценти, други прехранбени производи, неспоменати на друго место со 4,2 проценти, млечни производи со 3,9 проценти, електрични апарати за домаќинствата со 3,7 проценти и кондиторски производи со 3,6 проценти.

Прометот од одделот Трговија со моторни возила, мотоцикли, резервни делови учествува со 5,5 проценти во вкупниот промет во трговијата на мало, во кој најголем промет е реализиран од продажбата на делови и прибор на моторни возила во специјализирани продавници (48,7 проценти) и од продажбата на моторни возила (нови) во специјализирани продавници (42,4 проценти).

Според региони прометот во трговијата на мало најмногу е реализиран во Скопскиот регион, 57 проценти, а најмал во Југоисточниот регион, 4,4  проценти. Најголем број продавници во трговијата на мало има во Скопскиот регион, 30, 6 проценти, а најмал број во Источниот регион, 7,9 проценти.

Од ДЗС пресметале и дека во трговијатата на големо во земјава по групи производи во 2019 година е остварен промет во износ од 480 669 352 000 денари.

Во рамки на одделот Трговија на големо, освен моторни возила и моторцикли, во кој се реализирани 95,9  проценти од прометот во вкупната трговија на големо, најголемо учество (20.1  процент) има прометот остварен од продажбата на цврсти, течни и гасовити горива и сродни производи (огревно дрво, камен јаглен, дрвен јаглен, лигнит, моторен бензин, керозин, гасни масла, масла за ложење), потоа следи прометот од продажба на фармацевтски производи (13,3  проценти) и производи од тутун (11.3 %).

Прометот од продажбата на шеќер, чоколада и кондиторски производи, месо и производи од месо, млечни производи, јајца, масти и масла за јадење, пијалаци, овошје и зеленчук, кафе, чај, какао и зачини, заедно учествуваат со 25,6  проценти во вкупниот промет во трговијата на големо, освен моторни возила и моторцикли.

Прометот од одделот Трговија со моторни возила учествува со 4,1 процент во вкупниот промет во трговијата на големо, а во рамките на овој оддел прометот од автомобили и моторни возила (нови и употребувани) од лесна категорија учествува со 51,9 проценти и прометот од продажба на делови и прибор за моторни возила (гуми, делови и прибор) учествува со 37,1  процент.

Loading...

Лидија Велковска


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *