Годинава помалку првачиња и едно затворено училиште во Куманово (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Дури 110 првачиња, но и едно училиште помалку ќе има Куманово во новата учебна 2024/25 година, која започна денеска.

Loading...

– Оваа година се запишани во прво одделение 970 ученици. Бројката ако ја споредиме со минатата година е намалена. Минатата година во споредба со другите општини имавме пораст на упис на ученици, а оваа година 110 ученици помалку во споредба со минатата година ќе седнат во училишните клупи, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование при Општина Куманово.

 

 

Едно основно училиште сепак годинава нема да прими ниту едно прваче и од таа причина е донесена одлука истото да се затвори.

– Во едно општинско училиште „Кочо Рацин“, подрачно училиште во село Габреш, училиштето се затвора поради тоа што нема запишано ученик во прво одделение, појасни Јовановиќ.

Во однос на најавената оптимизација на образовниот процес, односно воведување т.н. едносменска настава, Куманово не ги исполнува условите, особено не училиштата во градските средини каде има голем број ученици.

Loading...

– Во споредба со другите општини, општина Куманово е најголема, и се уште централно-градските училишта го исполнуваат максимумот од 30 ученици во паралелка, додека во руралните паралелки е намален бројот на учениците, појасни раководителот.

Учебната година, дел од учениците од Агино село наместо во своето училиште  настава ќе следат во централното и во ООУ „Вук Караџиќ“, додека трае реконструкцијата на нивната училишна зграда на ООУ „Кирил и Методиј“.

– Бидејќи е небезбедно додека траат градежни активности, дел од учениците се префрлени во централното училиште, а само три паралелки во ООУ „Вук Караџиќ“ затоа што е прво на влезот од градот, каде можат да бидат сместени овие ученици додека трае реконструкцијата која треба да заврши до второто полугодие, изјави Јовановиќ.

Токму училиштето „Вук Караџиќ“ ќе ги исполни условите во второ полугодие да влезе со едносменска настава, но и дел од училиштата во руралните средини, за што конечна одлука допрва ќе се носи.

Никола Ивановски