Бројот на новозаразени со „Ковид-19“ повеќе не се зголемува по скоро два месеци, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Имаше повеќе од 4,5 милиони нови случаи и 68.000 нови смртни случаи ширум светот минатата недела, мало зголемување од повеќе од 4,4 милиони случаи и 66,000 смртни случаи пријавени претходната недела.
Вкупниот глобален број на случаи на ковид-19 сега изнесува повеќе од 211 милиони, а вкупниот број на смртни случаи надминува 4,4 милиони, пренесува Си-Ен-Ен.
Имавме стагнација и во мај, но потоа се појави делта
Бројот на нови глобални случаи сега се чини дека е стабилен, по зголемувањето од средината на јуни, забележува СЗО.
Глобалната стагнација во случаите беше забележана и во мај, но епидемиите предизвикани делумно од многу преносливиот вид на делта, доведоа до зголемување во многу земји во последните два месеци.
САД објавија најголем број нови случаи минатата недела – 1,02 милиони, што е за 15 проценти повеќе од претходната недела – потоа следат Иран, Индија, Велика Британија и Бразил.
Западниот Пацифик и Америка забележаа најголем пораст на случаи минатата недела – соодветно за 20 и 8 проценти.
Југоисточна Азија и источниот Медитеран објавија намалување на бројот на инфекции, додека стагнација е забележана во други региони, според податоците на СЗО.
Нови врвови во Австралија поради делтата
Зголемувањето на бројот на случаи во Западниот Пацифик е делумно предизвикано од растечката епидемија на соеви на делта во Австралија.
Во текот на изминатата недела, еднодневниот број случаи во Австралија постојано достигна нови височини, надминувајќи го претходниот рекорд од август минатата година.
Инфекциите, исто така, се во пораст во Нов Зеланд, и покрај тоа што беше воведено заклучување низ целата земја, откако минатата недела се случи само еден случај на локален пренос на коронавирус.
Нов Зеланд во средата објави 62 нови случаи, со што вкупниот број на случаи на тековната епидемија достигна 210.
Во последниве денови, официјални претставници во Австралија и Нов Зеланд предложија промена во пристапот за справување со „Ковид-19“, од обид да се искорени вирусот до прилагодување на животот на вирусот.
Австралискиот премиер Скот Морисон навести да се откаже од политиката на нула-ковид, велејќи дека заклучувањето „за жал е потребно засега“, но и дека „нема да биде така долго“.
Тој рече дека австралиската влада има намера да го префрли фокусот од намалување на бројот на случаи на следење на бројот на сериозни случаи на Ковид-19 и хоспитализации.
Прашањето за одржливоста на стратегијата на Нов Зеланд
Во понеделникот, министерот за борба против „Ковид-19“ на Нов Зеланд, Крис Хипкинс, за јавната телевизија ТВНЗ изјави дека делта сојот ја доведе во прашање долгорочната одржливост на стратегијата за елиминација на коронавирусот во земјата.
„Тоа значи дека сите наши сегашни заштитни мерки почнуваат да изгледаат помалку соодветни и помалку робусни. Како резултат на тоа, внимателно разгледуваме што друго би можеле да направиме. Но, тоа покренува големи прашања за долгорочната иднина на нашите планови”. Рече Хипкинс.
Појавата на делта сојот ја нагласува потребата за вакцинација
Во својот неделен извештај, СЗО посочува дека појавата на загрижувачки варијанти на ковид-19, вклучувајќи го и многу заразниот вид делта, ја нагласи потребата од зголемување на бројот на вакцини, како и важноста за зачувување на јавното здравје и социјалните мерки.
Се наведува една студија од Англија која покажува дека доцнењето во укинувањето на овие безбедносни мерки го намали врвот на дневните хоспитализации за речиси три пати.
„Опуштањето на јавните здравствени и социјални мерки треба да биде внимателно и претпазливо избалансирано со стапката на вакцинација и циркулацијата на загрижувачките видови“, напиша СЗО.