Ѓорѓиевска: Обвинувањата кон Салиевски се целосна лага од СДСМ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Носителката на листата кандидати за советници од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Ивана Ѓорѓиевска, реагираше на обвинувањата кон кандидатот за советник Самет Салиевски, отфрлајќи ги како „целосна лага и инсинуација“ од страна на СДСМ и нивниот кандидат за градоначалник Мартин Костовски. Според неа, вистината за настанот е сосема поинаква од она што било изнесено во јавноста.

„СДСМ и неговиот кандидат за градоначалник Мартин Костовски денеска се послужија со класична лага и инсинуација во обид да добијат ситно партиски поени, надевајќи се дека тоа нешто ќе им смени на 19 октомври на изборите. Го обвинија нашиот кандидат за советник Самет Салиевски дека наводно тој нападнал членови од еден од изборните штабови на Костовски во Куманово. Тоа е целосна лага од Костовски, вистината е сосема поинаква,“ изјави Ѓорѓиевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Лабудовиќ: Не ветувам чуда - ветувам знаење, посветеност и одговорност (ВИДЕО)

 

 

Таа објасни дека Салиевски не учествувал во никаков напад, туку бил сведок на расправија меѓу активисти на СДСМ.

„Нашиот кандидат за советник Салиевски бил сведок на меѓусебна вербална расправија на активисти на СДСМ во близината на неговиот дом, каде што живее. Не постоеле никакви физички контакти што може да се карактеризираат како напад од негова страна. Во меѓувреме, тој станал цел на вербални провокации и довикувања, на кои реагирал смирено и воздржано,“ рече таа.

Ѓорѓиевска оцени дека ваквите постапки на СДСМ се резултат на страв од изборен пораз.

„Ова се очајнички обиди на СДСМ со лаги и манипулации, на низок, дрзок и целосно некоректен начин, да добијат ситни поени пред Кумановци. Таквите очајнички чекори се резултат на агонијата во која се наоѓаат, како последица на анкетите направени во предизборието, кои велат дека ги очекува убедлив пораз – поточно убедлива победа на Движење ЗНАМ и кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски,“ нагласи Ѓорѓиевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во два пожара во Старо Нагоричане вчера изгореа околу 35 хектари површина (ФОТО)

На крајот, таа додаде дека движењето ќе продолжи да води позитивна и аргументирана кампања.

„Ние немаме намера да се занимаваме со вакви политикански игри на некои истрошени политичари. ЗНАМ и Максим Димитриевски во изминатиот период покажаа и докажаа како се сака Куманово, како се води најголемата општина во државата и како со труд, професионалност, посветеност и отчетност се создаваат услови секојдневието да се менува на подобро. А граѓаните тоа го препознаваат. Затоа, на 19 октомври, Максим Димитриевски и ЗНАМ ќе освојат голема победа – победа за Куманово да продолжи да се менува. Ви благодарам,“ изјави Ивана Ѓорѓиевска.