Германските складишта за гас достигнаа капацитет од 75 отсто две недели пред предвиденото, објави државниот регулатор за енергетска мрежа, пренесе Блумберг.
Најголемата европска економија се обидува да обезбеди доволно снабдување со гас за зимата поради намалените испораки од Русија.
„Целта од првата фаза е постигната. Складиштата за гас се полни 75,43 отсто. Следната цел е зафатеност од 85 проценти до 1 октомври“, напиша на Твитер Клаус Мулер, претседател на Федералната агенција за мрежа.
Германскиот план предвидува магацините да бидат полни најмалку 75 отсто до 1 септември, а потоа до 1 октомври да се зголеми капацитетот на 85 отсто, а до 1 ноември на 95 отсто.
Намалување на испораките во Северен тек 1
Испораките на руски гас преку гасоводот Северен тек 1, кој оди под Балтичкото Море до Германија, се намалени за неколку недели на околу 20 отсто од капацитетот.
Руската компанија Газпром како причина за ова ги наведува техничките проблеми, додека германската влада го смета за изговор, пренесува Танјуг.
„При нормални зимски температури и со намалени испораки на гас, складираниот гас може да се потроши уште во март или април“, рече Себастијан Блешке, генерален директор на германското здружение за складирање гас Инес, пренесе ДПА.
„Доколку Русија целосно го прекине снабдувањето со гас, складираниот гас ќе се потроши уште порано“, додаде Блешке.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.