Германските мерки за помош со високи трошоци за енергија ќе донесат само ограничено олеснување и веројатно нема да ги одвратат компаниите кои веќе одлучија да го преселат производството на поевтини локации во странство.
Германската влада минатиот месец предложи пакет мерки за олеснување, вклучително ограничување на цените на гасот и пониски акцизи, за да им помогне на домаќинствата и малите и средни бизниси да се справат со скоковите на цените.
„Предложениот пакет за енергетско олеснување кој моментално е на дневен ред нема да промени ништо. Мораме да продолжиме да бараме алтернативи“, изјави извршниот директор на баварскиот производител на порцелан Розентал Мадс Рајдер.
Високите трошоци ги принудуваат германските компании да се преселат на поевтини локации
Компанијата, основана во Германија пред 143 години, размислува да премести делови од своето производство во странство за да ги намали трошоците, а Рајдер рече дека планот за ограничување на цените на гасот е сè уште премногу нејасен за Розентал да ги преиспита своите планови.
Високите трошоци за работна сила во Германија принудуваат многу компании да преселат делови или целокупно нивно работење на поевтини локации во европските економии во развој и други делови од светот, или барем да ја разгледаат можноста.
Економскиот советник на германскиот министер за финансии Ларс Фелд изјави дека енергетската криза и скокот на цената на бензинот по намалените испораки од Русија го забрзале тој процес.
„Индустриските компании кои размислуваат за преселба ќе сакаат да проверат како функционира ограничувањето на цената на енергијата. Тоа е важен психолошки поттик. Сепак, нема да можеме да се вратиме на цените на енергијата како што беа пред украинската војна“, рече Фелд.
Германската индустрија плаќа и до 10 пати повисоки цени на енергијата од пред две години, а дури една петтина од инженерските компании предупредуваат дека би можеле да преселат барем дел од своето работење во странство, покажува минатомесечното истражување на синдикатот ИГ Метал.
„Почетната точка на забрзаната деиндустријализација на Германија“
Индустриските здруженија првично го изразија своето задоволство од презентираниот пакет енергетски олеснувања, кој вклучува привремен лимит за цените на струјата, со цел субвенционирање на основната потрошувачка за граѓаните, малите и средните претпријатија, а дел од компаниите се оптимисти.
Производителот на текстил Wuelfing изјави дека ќе се откаже од планираното преселување во Португалија или Пакистан доколку владата ги ограничи цените на енергијата на двојно повеќе од нивото во 2020 година.
„Тоа ќе помогне, но сè уште не знаеме точно што да очекуваме“, рече извршниот директор на Wuelfing, Јоханес Доу.
Германското здружение за мали и средни претпријатија објави дека не гледа конкретни индиции за зголемено движење на производството во странство бидејќи кризата со цените на енергијата ги погодува сите европски земји.
„Поинаква работа е кога зборуваме за планови за (производство) проширување, кои во моментов се испитуваат“, рече извршниот директор на DMB, Марк Тенбиг.
Дојче банк во своето истражување оценува дека поради поскапувањето на енергенсите, производството во Германија ќе се намали за 2,5 отсто оваа година и за пет отсто во 2023 година.
„Кога ќе погледнеме наназад на денешната енергетска криза за приближно 10 години, овој период може да го означиме како почетна точка на забрзаната деиндустријализација на Германија“, според аналитичарите на Дојче Банк.
Кризата ќе ги погоди малите и средни компании
Големите германски индустриски компании може да го преселат производството во странство, во зависност од трошоците и клиентите, но кризата потешко ќе ги погоди малите и средните компании, столбот на германската индустрија.
„За германските мали и средни претпријатија… прилагодувањето на новиот енергетски свет ќе биде голем предизвик што некои нема да го надминат“, се додава во студијата.
Производителот на автомобилски делови Боегра го намали производството во септември поради високите цени на енергијата.
Boegra веќе префрли дел од своето производство во Чешка и сега размислува за следниот чекор.
„Следната недела патувам за Чешка за да ги испитам можностите за проширување на нашиот бизнис“, изјави извршниот директор на Боегра, Тобијас Линсер, за Ројтерс во петокот.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.