Германската економија стагнираше во вториот квартал

Сподели со своите пријатели

Економијата на Германија стагнираше во вториот квартал, објави денеска заводот за статистика, истакнувајќи дека потрошувачката на домаќинствата се стабилизира по послабата зимска половина од годината.

Loading...

Реалниот бруто домашен производ (БДП) се задржа во периодот од април до јуни на нивото од претходниот квартал кога, според ревидираните податоци, се намали за 0,1 отсто, покажаа прелиминарните пресметки на Дестатис, врз основа на сезонски и календарски приспособени податоци.

Досегашните проценки покажаа пад на активноста во првите три месеци од годинава за 0,3 отсто во однос на последниот квартал од 2022 година.

На годишно ниво, БДП е намален за 0,2 отсто во периодот од април до јуни, како и во претходните три месеци, покажуваат ревидираните податоци на заводот за статистика.

Потрошувачката на домаќинствата се стабилизираше во вториот квартал по послабата зимска половина од годината, посочуваат статистичарите.

Како дел од редовниот годишен преглед, Дестатис ги смени проценките во 2019 година, нагласувајќи дека „во годините на корона кризата и за време на војната во Украина можни се значителни отстапувања на резултатите на месечно, квартално и годишно ниво“.

„Треба да се додаде дека тековните резултати од БДП сè уште вклучуваат повисок степен на неизвесност од вообичаеното. Ова особено важи за ценовните, сезонските и календарски приспособените квартални вредности“, предупредува Дестатис.