Германската разузнавачка агенција предупреди на зголемен ризик од напади кои би можеле да ги изведат радикализирани исламисти.
Поради војната меѓу Израел и Хамас, опасноста е „реална и поголема отколку што беше долго време“.
„Веќе некое време ја набљудуваме декларираната намера на исламистите да извршат напади на Запад. Меѓутоа, сега се појавува нова димензија“, рече Томас Халденванг, претседател на германската Федерална канцеларија за заштита на Уставот.
Агенцијата забележа зголемени повици за напади меѓу актерите од „џихадистичкиот спектар“, рече Халденванг, додека Ал Каеда и ИСИС, како што вели, се обидуваат да се „закачат“ на конфликтот на Блискиот Исток за да добијат нови поддржувачи.
За оваа загриженост, потсетува „Политико“, говори и податокот дека двајца тинејџери биле приведени во полиција под сомнение дека планирале напад на божиќниот пазар или на синагога во градот Келн, како што информира германскиот јавен сервис.
Во видеото објавено на социјалните мрежи, еден од осомничените повикува на „света војна“ против Западот.
„Поплавата од дигитални слики во социјалните медиуми, често споени со лажни вести, придонесува за емотивизација и може да дејствува како радикализирачки фактор. Ситуацијата е влошена од странски државни актери кои се обидуваат да го искористат или дури и да го зајакнат ова чувство“, рече Халденванг.
Значително е зголемена и заканата од „можни терористички напади врз еврејски и израелски поединци и институции“, наведува агенцијата.
„Работиме со полна пареа за да ги спречиме потенцијалните заговори против безбедноста на Евреите, израелските институции и големите настани“, рече Халденванг, пренесува RT Balkan.