Германија ја разгледува можноста да купи систем за противракетна одбрана со цел да се заштити од потенцијален напад од Русија, изјави синоќа германскиот канцелар Олаф Шолц, додавајќи дека „промена на режимот во Русија“ не е цел на НАТО.
„Ова е секако едно од прашањата за кои разговараме и со добра причина“, изјави Шолц за германската телевизија АРД, одговарајќи на прашањето дали Германија може да купи одбранбен систем како што е израелската железна купола.
Тој не прецизираше za каков тип на систем размислува Берлин, пренесува Ројтерс.
На прашањето дали Германија сака да се здобие со противракетен одбранбен систем со поголем дострел од постоечкиот систем Патриот, Шолц рече дека „мора да бидеме свесни дека имаме сосед кој е подготвен да употреби насилство за да ги постигне своите интереси“.
Коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден во Полска дека рускиот претседател Владимир Путин не може да остане на власт, Шолц нагласи дека „промена на режимот во Русија“ не е цел на НАТО.
Германскиот канцелар рече дека му рекол на претседателот Путин дека секоја употреба на биолошко или хемиско оружје ќе има драматични последици.
Тој додаде дека се претпоставува дека повеќе од 10 илјади руски војници загинале во војната во Украина.
Тој нагласи дека Германија прави се што може за да и помогне на Украина.
Тој, исто така, посочи дека одлуката на Германија да биде енергетски понезависна поради руската инвазија на Украина значи дека ќе мора да прифати повисоки цени на енергијата.