Француската премиерка Елизабет Борн поднесе оставка до претседателот Емануел Макрон, кој одби да ја прифати оти „владата може да остане на должност и да дејствува деновиве“, соопшти денеска француското претседателство.
По парламентарните избори одржани во неделата, Макрон остана без апсолутно мнозинство во парламентот, што е ситуација која отвора период на нестабилност.
Во тој контекст, шефот на државата ќе ги спроведе потребните политички консултации за да се идентификуваат конструктивни решенија во служба на Французите, додаваат од претседателството.
Макрон денеска и утре ќе ги прими шефовите на политичките партии во Елисејската палата, беше соопштено претходно денеска.
Елизабет Борн ќе ја собере целата влада попладнево, изјави нејзината придружба за АФП.
Либерално-центристичката коалиција, која се потпираше на удобно апсолутно мнозинство (од 289 пратеници) за време на првиот петгодишен мандат на Макрон, по изборите задржа само 245 од 577 места во парламентот.
Останатото место е поделено главно меѓу екстремната десница, Марин Ле Пен, која забележа невиден пробив со 89 пратеници, обединетата левица под покровителство на Жан-Лук Меланшон (151 пратеник) и традиционалната десница со 61 пратеник.
Таквата ситуација повторно го става парламентот во центарот на политичката игра, за прв пат по 1958 година и од Петтата република.