Франција почна директно да испраќа гас во Германија, како дел од европската енергетска солидарност, со цел да се надмине падот на испораките од Русија, соопшти компанијата која управува со транспортната мрежа на францускиот гас ГРТгаз.
„Во услови на силно намалување на испораките на руски гас во Европа и во рамките на европската солидарност за енергетската безбедност, ГРТгаз се мобилизираше да ја прилагоди својата мрежа и да го формализира предлогот за почеток на испраќање гас од Франција во Германија“, соопшти француската компанија.
Првите испораки на гас за Германија започнаа во 6 часот наутро во количина од 31 гигават-часови дневно, пренесува Бета, повикувајќи се на АФП.
Нивото на испорака ќе се оценува секојдневно, во зависност од условите на мрежата, со максимален капацитет од 100 гигават-часови дневно, соопшти компанијата.
Бидејќи единствената точка за поврзување на француско-германската граница првично беше дизајнирана да работи во правец од Германија кон Франција, беше неопходно да се смени протокот за да се овозможи оваа испорака, наведе компанијата.
Додаден мирис на францускиот гас
„Ова е историски момент, првпат Франција да испорачува гас директно на Германија; до сега преку Белгија испраќавме гас во соседна Германија“, изјави генералниот директор на ГРТгаз.
Француската компанија во соработка со германски компании изврши технички прилагодувања за да профункционира протокот од Франција кон Германија.
Германија од своја страна ја усвои потребната регулатива за добивање француски гас на кој е додаден мирис, што не е вообичаено за германската индустрија.
На Германија ѝ недостасува гас, од кој е многу зависна за работата на нејзините фабрики.
Франција има повеќе гас од својот сосед бидејќи добива течен природен гас најмногу од САД, што делумно ѝ овозможи да ги наполни своите резерви со 100 проценти за зимата.
GRTgaz е вториот по големина европски превозник на гас, со мрежа од 32.500. километри.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.