Еврото на најниско ниво во последните пет недели во однос на доларот

Сподели со своите пријатели

Еврото потона денеска на петнеделен минимум во однос на доларот, додека американската валута е на новото петнеделно највисоко ниво во однос на кошницата на големи ривали.

Loading...

Единствената валута на еврозоната се најде под зголемен притисок откако Русија објави дека на крајот на овој месец ќе ја намали испораката на гас за Европа преку гасоводот Северен тек 1 на три дена поради работи за одржување, што ја влошува енергетската криза во регионот.

Еврото утринава во азиското тргување падна на само 1,0026 долари, првпат од 15 јули, пред малку да закрепне на 1,0040 долари според најновите податоци, пренесува Ројтерс.

Претседателот на Бундесбанк Јоаким Нагел изјави за весникот Рајнише пост дека германската економија, која е најмногу изложена на прекини во испораката на руски гас, „веројатно“ ќе влезе во рецесија во текот на зимата, доколку енергетската криза продолжи да се продлабочува.

Тој додаде дека и покрај се поверојатната рецесија во Германија, Европската централна банка мора да продолжи да ги зголемува каматните стапки за да ја скроти инфлацијата.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на кошницата од шест главни светски валути, порасна денеска на почетокот на азиската сесија на 108,26 поени за прв пат од 15 јули, пред да достигне 108,12 поени.

Доларот порасна за 2,33 отсто минатата недела, што е негов најдобар неделен учинок од април 2020 година, бидејќи се поголем број претставници на Федералните резерви на САД (ФЕД) се расправаа за континуирано затегнување на агресивната монетарна политика за да се заузда инфлацијата која достигнува 40-годишен рекорд.

Пазарите на пари во моментов даваат 46,5 отсто шанси ФЕД повторно да ја зголеми референтната каматна стапка за 75 базични поени на состанокот на 21 септември, а 53,5 отсто од учесниците на пазарот гледаат шанса за зголемување на стапката за 50 базични поени.

Loading...

Британската фунта забележа мало движење и се тргуваше за 1,18325 долари, недалеку од најниското ниво во последните пет недели од 1,17925 долари.

Што се однесува до азиските валути, кинескиот јуан падна на речиси двегодишен минимум во однос на доларот, откако Народната банка на Кина ги намали клучните каматни стапки како дел од серијата мерки за монетарно олеснување, чија цел е поддршка на економијата чија активност е поткопана од политиката на нулта ковид и кризата на пазарот на домување.

Доларот се искачи на 6,8308 јуани во тргувањето на континентална Кина за прв пат од септември 2020 година, додека достигна 6,8520 јуани на берзите надвор од Кина.

Во споредба со јапонската валута, која е исклучително чувствителна на движењето на приносите на американските државни обврзници, доларот зајакна на дури 137,44 јени, најсилното ниво од 27 јули.

Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.