Поголемиот дел од Европејците, кои учествуваа во истражувањето, потврдија дека, доколку им се укаже можност, тие би смениле нешто за себе.
Во исто време, многумина стравуваат дека човечката аугментација, односно надградбата со технологијата, ќе им биде достапна само на богатите, но исто така и дека нашите тела можат да станат мета на сајбер криминалци.
На конференцијата „Kaspersky NEXT 2020“, која за прв пат се одржа исклучиво на онлајн во многу интересен интернет простор, што потсетува на сајбер хотел од иднината, беа презентирани резултатите од едно од најинтересните истражувања на оваа руска компанија досега.
Концептот за човечката аугментација порано беше исклучиво дел од научна фантастика. Сепак, процесот на подобрување или повторно создавање на нашите физички и ментални способности доби важност бидејќи дигиталната технологија стана сè поважен дел од нашето секојдневие.
Истражувањето го потврди широко распространетиот ентузијазам кога станува збор за човечката аугментација – процесот на подобрување на човечкото тело со помош на технологијата.
Истражувањата покажаа дека кога би ја имале таа можност, 92% од нас би смениле нешто во физичкиот изглед. Скоро две третини (63%) би размислиле или за трајна или привремена аугментација на телото со технологија, за да се подобри.
Студијата, во која учествувале повеќе од 14.500 возрасни низ 16 земји во Европа и Северна Африка, покажа дека Унгарците први би ја разгледале опцијата за човечката аугментација (96%), додека Британците (33%) последни би се одлучиле на тоа.
Некои испитаници дури изразиле желба да ги поврзат паметните телефони со нивните тела!
Мнозинството од испитаниците изјавиле дека би сакале човечката аугментација да се користи во корист на човештвото, а 53% од луѓето изјавиле дека треба да се користи за подобрување на квалитетот на животот.
Според нивното мислење, целта на секоја аугментација треба да биде подобрување на целокупната здравствена состојба (40%) или видот (33%).
Истражувачите, исто така, забележаа одредена неподготвеност кон овој процес, бидејќи 69% од испитаниците изјавиле дека се плашат дека аугментацијата ќе биде насочена само кон богатите, додека девет од десет лица (88%) изјавиле дека стравуваат дека сајбер криминалците можат да им ги хакираат телата.
Возрасните во Јужна Европа, вклучувајќи ги Шпанија, Португалија, Грција и Италија, заедно со испитаниците од Мароко, се најотворени кон идеите за човечката аугментација.
Повеќе од половина од возрасните во Франција (53%) и Велика Британија (52%) веруваат дека човечката аугментација ќе биде опасно за општеството, што е значително над просекот на истражување од 39%.
Можноста за аугментација заради создавање на попривлечно тело била примамлива за повеќе од една третина (36%) од жените и само една четвртина (25%) од мажите, додека мажите биле позаинтересирани за подобрување на нивната сила (23%) отколку жените (18%). Дури третина од луѓето (33%) се „возбудени“ од идејата за човечката аугментација.
Џулијан Савулеску, професор на Универзитетот во Оксфорд и раководител на Центарот за практична етика во Уехиро, смета дека човечката психа е област со најзначаен потенцијал за аугментација, преку подобрување на нашите когнитивни способности и морални капацитети.
„Најголемата закана со која се соочуваме е нееднаквоста на човечките капацитети за хумано, но и морално однесување“, предупредува Савулеску. „Зголемувањето на човекот има потенцијал да ги смири постоечките нееднаквости, па предизвик за владите ширум светот е како да го искористат тој потенцијал за добро, додава тој.
Марко Пројс, директор на Европскиот тим за глобално истражување и анализа GREAT во Касперски, рече: „Човечката аугментација е еден од најзначајните технолошки трендови денес. Сведоци сме на развој на широк спектар на нејзини практични примени во секојдневните сфери од нашите животи, како што се здравството и социјалната грижа, спортот, образованието и транспортот. Некои од примерите се егзоскелети за спасувачки тимови или биопринтање на органи“.
„Сепак, луѓето имаат право да бидат сомнителни. Додека ентузијастите и поборниците за аугментација во голема мерка ги тестираат границите на можното, ние сè уште немаме усогласени општо прифатени стандарди, кои би осигурале дека човечката аугментација ќе го достигне својот целосен потенцијал, а ризиците што ги носи овој процес се минимизираат“, објасни Проџ.
И додека во овој случај станува збор за аугментација на човечкото тело заради зголемување на силата, разубавување и на други начини физички корекции на човечките физички карактеристики, од друга страна, многу е направено во врска со чипување на делови од телото, кои се на доброволна основа, и кои можат да помогнат да се спречат болести, овозможуваат да започне спојување на скршени или мртви нерви и на други начини со чипување на мозокот и другите делови на телото.