Европската унија останува цврсто против употребата на сила во обид да се промени статус кво состојбата во Тајванскиот теснец.
Ова денеска го изјави портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер.
„Продолжуваме да повикуваме на мир и стабилност во Тајванскиот теснец“, додаде Мамер, пренесе Ројтерс.
Европската унија вчера изрази загриженост поради воените вежби на Кина над Тајван, велејќи дека статусот на Тајван не треба да се менува со сила, каква било ескалација, инциденти или употреба на сила што ќе има големи глобални импликации.
Кинеската војска вчера соопшти дека е „подготвена за борба“ по завршувањето на тридневните големи борбени вежби околу Тајван кои симулираа затворање на островот како одговор на минатонеделното патување на тајванскиот претседател Цаи Инг-вен во САД.
Претходно најавените тридневни „патроли за борбена готовност“ се наменети како предупредување до властите во Тајпеј, а се додава дека воените вежби се слични на оние од август минатата година, кога Кина изврши ракетни напади врз цели во морињата околу Тајван, пренесе АП.
„Војниците се подготвени да се борат во секое време и одлучно да го скршат секој облик на „независност на Тајван“ и обиди за странско мешање“, се вели во соопштението.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.