ЕУ притиска на компромис за името

Сподели со своите пријатели

Преговорите за проблемот што го има Грција со нашето уставно име влегуваат во нова фаза во која Европската унија притиска на компромис. Токму прашањето за името и заклучоците од посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Берлин беа во фокусот на вчерашната кратка средба во Брисел меѓу германската кацеларка Ангела Меркел и грчкиот премиер Алексис Ципрас, а в недела во Скопје доаѓаат претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Според грчките медиуми, пораката од Меркел била дека ќе продолжи да ги охрабрува двете страни за да стигнат до решение, додека, пак, Ципрас, ја повторил одлучноста на грчката влада да се најде одржливо, стабилно и заемно прифатливо решение. Тој ја повторил официјалната позиција на Атина, за ерга омнес име и порачал дека новото име треба истовремено да биде и уставно име на соседната земја.

Турција и земјите од Западен Балкан, со акцент на Македонија и Албанија, беа тема на разговор и на вчерашната средба во Брисел меѓу грчкиот премиер и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, ги поздравила разговорите на Грција со Македонија и со Албанија и додала дека за време на турнејата во Западен Балкан со претседателот Јункер ќе ја истакнат европската перспектива на овие земји, но со предуслов, решавање на билатералните проблеми.

Прашањето за името било една од темите и на телефонскиот разговор Ципрас – Меркел, што се случи еден ден пред посетата на премиерот Заев на Берлин и средбата со германската канцеларка. Грчките медиуми потсетуваат дека германската канцеларка го пречекала Заев со зборовите „македонски премиер“. Фраза која наиде на реакции во Грција, како од медиумите, така и од опозициската партија Нова демократија.

Грчкиот информативен портал Ин, коментира дека европејците сакаат веднаш да се постигне решение на спорот за името и силно ја притискаат Атина. Владата, пишува, се најде пред нови притисоци, овој пат од страна на Германија, а тврдењето дека Грција, индиректно е под силни притисоци, го поткрепува и со завчерашната изјава на Јоханес Хан.

Портпаролот на грчката влада, како што вчера објави МИА, негираше дека постојат притисоци врз Атина во однос на прашањето за името.

Канцеларката Меркел по средбата со Заев во Берлин излезе со став дека спорот меѓу Македонија и Грција за името e досега најблиску до решение, треба да биде затворен, но оти каков било притисок нема да влијае позитивно врз процесот. Напомена дека и двете страни се однесуваат одговорно во обновените преговори и оти и Грција и Македонија знаат што можат да дадат за да се постигне компромис и побара диксреција во процесот. Премиерот Заев од своја страна посочи дека македонската Влада е решена да ги решава проблемите со соседите и да развива регионална соработка.

Грчкиот информативен портал Иефимерида, пак, вчера објави дека е подготвена грчката Нацрт спогодбата, која има околу 20 страници и се наоѓа во рацете на Ципрас и оти не ги содржи само грчките позиции, туку ги зема предвид и позициите на другата страна.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, во писмо до еврокомесарите за проширување и добрососедска политика и за регионална политика, Јоханес Хан и Корина Кретсу, вчера ги најави намерите на Грција за поддршка на кандидатурата на Македонија за приклучување кон Јадранско-јонската иницијатива./МИА


Leave a Reply