ЕУ предлага минималната возраст за возачка дозвола да биде 17 години

Сподели со своите пријатели

Европската унија предложи нов закон поврзан со сообраќајот, со кој се воведува дигитална возачка дозвола на ниво на целата Унија, но и се намалува старосната граница за добивање возачка дозвола на 17 години.

Loading...

Според новиот закон, 17-годишниците кои ќе добијат возачка дозвола ќе можат да возат само придружувани од возрасно лице кое има и возачка дозвола, пишува Тајмс оф Малта.

Како што е наведено, главната цел на новиот закон е борба против сообраќајните прекршоци низ Европа и воведување дигитална возачка дозвола која би важела во целиот блок.

Законот, исто така, предлага сите нови возачи да поминат двегодишен пробен период, со пристап на нулта толеранција за возење под дејство на алкохол.

Европската комисија објави дека повеќе од 20.000 луѓе загинале минатата година во сообраќајни инциденти на патиштата на Европската унија.

Новите правила ќе им овозможат на агенциите за спроведување на законот пристап до националните регистри за возачки дозволи, за кои Комисијата рече дека ќе помогне да се идентификуваат прекршителите и да се осигури дека ги плаќаат своите казни.

Повеќе од 40 отсто од прекршувањата во прекуграничниот сообраќај остануваат неказнети, изјави еврокомесарката за транспорт Адина Валеан на прес-конференција во Брисел.

„Предлогот се однесува на подобрување на прекуграничната соработка. Оние кои возат опасно не смеат да се извлечат со тоа“, додаде таа. Според новите правила, доколку некое лице биде лишено од возење во една земја, ќе биде лишено од возење низ цела ЕУ.

Loading...

Новата дигитална возачка дозвола би ја признале сите земји-членки и би била „прва во светот“, се вели во соопштението на Европската комисија, во кое се додава дека земјите-членки сепак ќе имаат право да издаваат дозволи на своите граѓани.