Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција ќе продолжи да се ангажира во договорот за извоз на жито од Украина преку пристаништата на Црното Море, и покрај колебливноста на Русија во однос на договорот.
Ердоган рече дека Турција одлучно ќе продолжи со активностите поврзани со договорот за постигнување хуманитарни цели, иако Русија покажува колебливост бидејќи нема корист од договорот на ист начин, објави Ројтерс.
Турција прави напори да дојде жито од Украина во земјите каде што е евидентна заканата од глад, посочи Ердоган, наведувајќи дека од почетокот на примената на договорот за жито од 1 август, од Украина се извезени 9,3 милиони тони земјоделски производи, што влијаеше на намалувањето светската криза со храна.
Надлежните тимови од Турција и ОН денеска ја продолжија инспекцијата на бродовите според договорот за транспорт на украинско жито од пристаништата на Црното Море, откако Русија го прекина учеството во договорот за време на викендот.
Русија објави дека го суспендира учеството во спроведувањето на договорот за жито, постигнат во јули годинава со Украина, со посредство на ОН и Турција, на неопределен период, бидејќи не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови по нападот на руската црноморска флота во Севастопол.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.