Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека се договорил со рускиот претседател Владимир Путин житото испратено според Црноморскиот договор да биде бесплатно доставено до сиромашните африкански земји.
Ердоган ова го соопшти за време на говорот во Истанбул, откако Москва во средата продолжи да учествува во договорот за жито што Украина и Русија го потпишаа со посредство на ОН и Турција, пренесува Ројтерс.
На крајот на јули претставниците на Русија, Украина, Турција и ОН потпишаа пакет од два документи.
Првиот е меморандум со кој се дефинира посветеноста на ОН за отстранување на ограничувањата за извоз на руски ѓубрива и земјоделски производи на светските пазари, додека вториот дефинира алгоритам за извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море долж хуманитарните коридори и со задолжителна инспекција .
Москва го суспендираше, но потоа го продолжи учеството во договорот за жито во средата, откако Украина обезбеди доволно гаранции дека коридорот за жито во Црното Море и украинските пристаништа нема да се користат за непријателства против Русија.
Кремљ вчера објави дека не се обврзал да остане во Црноморскиот договор за жито по неговото истекување на 19 ноември и дека пред ваквата одлука треба да процени дали договорот функционира.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.