Двајца полицајци во Хаити загинаа, а двајца други беа тешко повредени кога дрон случајно експлодираше во база на специјални сили во близина на главниот град на земјата, Порт-о-Пренс, објавија денес локалните власти.
Кабинетот на премиерот соопшти дека несреќата се случила во вторник вечерта во населбата Кенскоф на ридот, која стана точка на конфликт поради својата стратешка позиција со поглед на дипломатскиот центар на градот.
„Дронот камиказа експлодираше на лице место, при што загинаа двајца полицајци, а уште двајца беа сериозно повредени“, се вели во соопштението.
Според извештајот на „Мајами Хералд“, кој се повикува на неколку анонимни извори, шест полицајци беа повредени во експлозијата.
Локалните жители го пронајдоа дронот откако неговите оператори го изгубија контактот со уредот поради лошо време и го донесоа во блиската полициска станица, а кратко потоа, дронот експлодираше.
„Преземаме сите мерки за да обезбедиме темелна истрага за оваа трагедија“, изјави на социјалните медиуми Фриц Жан, член на привремениот претседателски совет на Хаити.